Охрид, 27. октомври 2020 (ОХРИДПРЕС) – ООУ „Ванчо Николески“ од Лескоец е едно од десетте училишта вклучени во проектот „Предизвикај се себеси и биди активен“, а се однесува на поттикнување на физичката активност кај учениците.
Над 30 ученици од ова училиште партиципираат во активности и вежби, креирани од квалификуван и професионален едукатор за физичко образование, преку интерактивната online плаформа.
Секој месец учениците добиваат нови 15 предизвици што треба да ги реализираат во одреден временски период, а потоа за истите добиваат соодветни поени преку кои се рангира успешноста на училиштето во целина, но и индивидуално на учениците. На тој начин тие имаат можност да се натпреваруваат со нивни врсници од другите 9 училишта низ државава. Најголем дел од предизвиците и активностите можат да се прават во домашни услови (без или со многу малку потребна опрема), но има и такви кои учениците може да ги прават во училиште под менторство на наставник по ФЗО, со целосно почитување на препораките за заштита од COVID-19.
-Потребата од поттикнување на физичка активност кај учениците во овие услови на настава од далечина е огромна, а проектот претставува директен и логичен одговор на оваа криза предизвикана од COVID-19. Ние како училиште сме многу задоволни од можноста што ја нуди овој проект, а тоа е нашите ученици на еден нов и креативен начин да се грижат за своето физичко здравје и да останат активни. Предизвиците се добро осмислени и ги мотивираат учениците да спортуваат, како и да ги негуваат упорноста и натпреварувачкиот дух, велат од училиштето.
Во изминатиов месец ООУ „Ванчо Николески“ е рангирано на третото место според успешноста на реализираните предизвици, а дури 17 ученици од ова училиште се најдоа на листата од првите 27 места.
Проектот „Предизвикај се себеси и биди активен“ го спроведува Здружението за индивидуален, организациски и општествен развој „Раст и развој“ од Скопје, а за успешна реализација на проектот во секое училиште има одговорен наставник по физичко и здравствено образование. Секое од инволвираните училишта ќе добие и донација на спортска опрема во рамки на проектот, според претходно посочени потреби. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: архива