октомври 30, 2020

Скопје, 30. октомври 2020 (ОХРИДПРЕС) – Шеесет респиратори, во вредност од 1.4 милиони евра стигнаа денес во земјава, како донација од НАТО Доверителниот фонд.

Министерот за здравство Венко Филипче при приемот на донацијата на Скопскиот аеродром рече дека станува збор за донација на респираторни машини кои се користат за транспорт на пациентите во амбулантните возила, при транспортот на пациентите од една болничка установа во друга.

-Голема благодарност до НАТО сојузот, посебно САД, кои од почетокот на кризата донираа и заштитна и медицинска опрема без којашто навистина тешко ќе можевме да го менаџираме овој голем здравствен предизвик, оваа голема здравствена криза. Оваа донација значајно ќе го зајакне нашиот здравствен систем во овој сегмент, рече министерот.

Од Министерствoто за здравство велат дека на почетокот на епидемијата, јавното здравство имаше на располагање 120 респиратори. Од нив, 90 беа во градот Скопје, а останатите 30 во јавно-здравствените установи низ земјава.

Како донација во изминатиот период пристигнаа респиратори од Европската Унија (20), од четири македонски компании (85 неинвазивни респиратори), Норвешка (20) мобилни респиратори, приватна донација од Бугарија (3) УНИЦЕФ (10), Германија (8).

Респираторните машини како донација се распределени на Инфективната клиника во Скопје, Градската општа болница (ГОБ) „8 Септември“, Клиниката за неврохирургија, како и инфективните одделенија во здравствените установи во Струмица, Штип, Битола, Тетово, Кочани, Кавадарци, Прилеп, Охрид, како Специјалната болница за кардиоваскуларни заболувања Охрид.

Во моментов, вели Министерството, на респиратор се приклучени само 2 пациенти кои се лекуваат во „8 Септември“. (Крај)

извор: Министерство за здравство фото: Влада на РМ

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука