Здравје Избор Македонија Ретки болести 2020 ТОП ВЕСТИ

Светски ден на лицата заболени од Акромегалија

Охрид, 1. ноември 2020 (ОХРИДПРЕС) – Светот денес го одбележува Меѓународниот ден за подигање на свесноста за лицата заболени од Акромегалија.

Да ги дознаеме предизвиците и проблемите со кои се соочуваат. Како ја добиваат дијагнозата? Дали има некаков лек? Колку и дали воошто се пристапни и достапни лековите?… Дел од одговорите на овие прашања веќе втора сезона добиваме преку запознавањето со овие болести во рамките на проектот „Ги запознаваме ретките болести“ на активистот Гордана Лолеска, Супер радио и Здружението „Живот со предизвици“, во кој оваа година, покрај другите, дознавме повеќе за оваа ретка болест. Третата сезона е во подготовка и ќе започне со емитување на 1-ви февруари 2021 година.

Acromegaly – МКБ E 22.0

Акромегалија е ретка, хронична, сериозна невроендокрина болест кај која хипофизата (кај возрасните лица) лачи прекумерна количина на хормон за раст. Предизвикана од тумор, аденом на хипофизата, таа се јавува кај 4-7 лица на 100.000 жители. Тоа доведува до прекумерен раст, но, кај возрасните  болни од Акромегалија забележуваме деформитети. Се воочува зголемување на внатрешните органи при ехо и радиолошки прегледи. Растат коскените ткива, но исто така забележливи се промени и на внатрешните органи. Болеста е предизвикана од тумор-аденом на хипофиза, чија функција е нарушена, а најчесто се тоа макроаденоми со пречник поголем од 10 мм. Во голем број случаи се работи и за комбинирани тумори, при што има зголемено лачење и на други хормони како пролактин, тиреоидни хормони и сл. Овие тумори се најчесто бенигни, капсулирани тумори. Во редок случај има појава на малигни тумори.

Симптоми

Акромегалија најчесто не се воочува се` до средна возраст, најчесто од 50-тата година од животот. Постепен раст, а со тоа и деформации се забележуваат дури по десетина години. Првите симптоми што болниот ги забележува се постепеното зголемување на дланките и стопалата – почнуваат да го стегаат прстените и приметува дека му се потребни поголем број на обувки. Се зголемува и главата. Вратот станува поширок, челото издолжено, долната вилица, носот и ушите се поистурени. Кожата и јазикот се задебелуваат, а цртите на лицето стануваат погруби. Гласот кај овие лица станува подлабок. Лицата погодени од ова хормонско заболување често пати се соочуваат со потреба од санации на вилицата или промена на протезите. Понатаму, чувствуваат трнење на рацете и замор, се` повеќе се потат, чувствуваат малаксаност и болки по целото тело. Растот на коските кој ја здебелува р`скавицата доведува до проблеми во зглобовите, артропатија и артритис. Кај жените може да се појави зголемена влакнатост. Некои случаи на Акромегалија се пропратени со шеќерна болест. Покрај тоа, ако туморот на хипофизата е голем може да предизвика притисок на соседните делови на мозокот. Хипофизата е како привезок на очниот нерв, поради што овие тумори можат да доведат до пореметувања во видот, намалено видно поле, и во краен случај може да предизвика слепило. Главоболки со јак интензитет на површината од целата глава или дел се дел од она што го потенцираат болните од Акромегалија и истите не се смируваат со лекови.

Опасности

Колку повеќе време болеста не се лекува, толку повеќе опасноста е поголема. Ако срцето и понатаму се зголемува, може да доведе до декомпензација на срцето. Лицата со акромегалија се подложни на полипи  и други клеточни промени. Постои ризик од појава на гастритис и тумори на дебело црево. Можен е висок крвен притисок, а големиот тумор на хипофизата може да предизвика проблеми со видот и оштетувања на другите делови од хипофизата предизвикувајќи хипопитутаризам. Болеста доколку не се лечи може да доведе до смрт.

Лекување

Доколку станува збор за активен тумор кој ги предизвикува промените кај болниот, потребно е истиот да се одстрани или уништи. Начините на кои ќе се третира болеста зависат од повеќе фактори поради што е потребен специјалистички третман. Покрај примарните проблеми неопходно е да се лекуваат евентуално и другите здравствени проблеми кај пациентот кои се појавиле како последица од Акромегалијата.

– Хирушко одстранување на аденомот на хипофизата е прв чекор со кој може на најуспешен начини со минимален ризик на смртност да се постигне одстранување на заболеното ткиво и враќање во нормала на вредностите на хормонот за раст. Проблемите со видот можат исто така успешно да се санираат. Меѓутоа со оперативен зафат не може да се смета на тоа дека ќе се отстранат и промените на коските и изгледот кои се воглавно неповратни.

– Во некои случаеви, поради неможност за пристап до туморот по хирушки пат и поради ризик од поголеми оштетувања или во случај кога по хирушки пат не е постигната целта и нивото на хормонот за раст не е намалено, се применува зрачна терапија.

– Медикаментозна терапија може да биде со употреба на два типа лекови. Лековите се даваат за предоперативна припрема или во случаи кога имаме недостапен пристап до туморот – доживотно.

Што всушност значи „РЕТКО“…

Ретко значи да талкаш по дијагноза од неколку месеци до над 10 години, ретко значи да знаеш дека има лек некаде таму во некоја друга земја, но ти го немаш затоа што е премогу скап, ретко значи дека нема друг со твојата болест во твојот град, во твојата земја, па го бараш прво насекаде по Балканот и потоа по целиот свет… Ретко значи кога ќе го прашаш докторот за твојата болест тој да ја бара на интернет за да ти каже, ретко значи кога ќе ја спомнеш болеста да мора да ја објаснуваш, бидејќи луѓето мислат дека измислуваш, ретко значи секој ден да ти е исполнет со борба за да ги извршиш основните секојдневни обврски… ретко значи да си еден во илјадници и кога ќе најдеш други исти како тебе како да си го нашол второто семејство, ретко е кога не можеш да ја планираш иднината…

Image may contain: 1 person, text

Супер радио, Лолеска Гордана и „Живот со предизвици“ и овој февруари Ве запознаваат со ретките болести во Република Македонија со надеж дека преку овие 28 ретки дијагнози сите заедно ќе научиме нешто повеќе. Стручни соработници се проф. д-р Велибор Тасиќ и д-р Маја Танкоска.

Првиот ден на ретки болести беше одбележан во 2008 година, точно на 29-ти февруари, „редок“ датум кој се случува само еднаш на секои четири години. Од тогаш, Денот на ретки болести се одржува секоја година на последниот ден од февруари, месец познат по тоа што има „редок“ број на денови.

Денот на ретките болести е меѓународна кампања за подигнување на свеста за ретките болести. Од почетокот во 2008-ма година, илјадници настани се организираат низ целиот свет и опфаќаат милиони луѓе. Кампањата започна како европски настан и со текот на времето стана глобален феномен, со учество на над 90 земји од целиот свет во 2018 година.

Република Македонија за прв пат се вклучи во одбележување на овиј редок ден во 2013-та година.

Кампањата за Денот на Ретки Болести е за пошироката јавност, за релевантните институции и секој е добредојден да се придружи: пациенти и семејства, организации на пациенти, медицински професионалци, истражувачи, фармацевтска индустрија, јавни здравствени институции – колку повеќе не има, толку подобро. Денот на ретките болести е можност за учесниците да бидат дел од глобалниот повик кон креаторите на политики, истражувачите, компаниите и здравствените професионалци повеќе и поефикасно да ги вклучат пациентите во истражувањата за ретки болести.

Вклучете се! (Крај)

извор: ОхридПрес фото/видео: Супер радио

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука