Охрид, 1. ноември 2020 (ОХРИДПРЕС) – Од охридскиот огранок на партијата „Левица“ испраќаат повик до самохраните родители од Охрид за заедничко и институционално решавање на нивните проблеми.
-Економската криза предизвикана од пандемијата поради вирусот COVID-19, ги покажа сите недостатоци на нашето општествено уредување. Власта уште еднаш покажа дека за некого е мајка, а за некого маќеа. Во овие услови се покажа дека самохраните родители се најмаргинализирана категорија граѓани. Занемарени од државата, оставени на милост и немилост, дури и во здравствена криза, кога голем број граѓани добија ваучери, самохраните родители до денес не добија ниту еден денар помош од државата. Фактот дека скоро цела година се игнорирани од државата, докажа дека самохраните родители се оставени на маргините на општественото скалило, информираат од партијата.
Додаваат дека истите можат да го посетат локалниот огранок на „Левица“ во Охрид, лоциран на булевар „Туристичка“ (во зградата на „Гранит“).
-Ќе можеме да се запознаеме со вашите горчливи проблеми и во соработка со нашиот правен тим, како и со нашите пратеници, Димитар Апасиев и Борислав Крмов, ќе ја започнеме борбата со институциите за Вашите права и правата на Вашите деца. Ве очекуваме. Лице за контакт е Виолета Аврамоска (070/303-566),
самохрана мајка, модератор на „Левица“ ЛО – Охрид, информираат од партијата. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: архива