Охрид, 4. ноември 2020 (ОХРИДПРЕС) – Во услови на COVID-19 пандемија кога жителите на улица „Абас Емин“ секојдневно се соочуваат со недостиг на вода за пиење и вода за лична хигиена, приоритет на директорот на ЈП „Водовод“ се нови 18 вработувања, порача на денешната прес конференција Сашо Донев, претседател на ОК на ВМРО-ДПМНЕ од Охрид.
-Иако има над 250 вработени, директорот на ЈП „Водовод“ баш сега се сети дека му е потребен личен возач во услови кога градот тоне, се затвораат дуќани и се економски уништени туризмот и стопанството. Денес охриѓани плаќаат за 30% поскапа вода додека парите наместо за капитални инвестиции кои се под 10% се пренаменети за возач на директорот и вработување на партиски послушници. ЈП „Водовод“ наместо најуспешно јавно претпријатие кое треба да биде пример во државата, секојдневно тоне во милионски долгови, а охриѓани покрај еден од најголемите басени за питка вода се соочува со недостиг на вода за пиење и за лична хигиена. Во многу скоро време охриѓани ќе ви пресудат, а за расипничкото трошење на парите од граѓаните ќе одговарате. Бараме од градоначалникот Георгиески додека не е предоцна точката за нови вработувања во ЈП „Водовод“ да ја повлече од седницата на Совет закажана за во понеделник, 9-ти ноември, потенцира Донев. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: архива