ноември 12, 2020

Скопје, 12. ноември 2020 (ОХРИДПРЕС) – Министерството за здравство информира дека во оваа сезона на вакцинација против сезонски грип, за првпат е овозможена бесплатната вакцинација на здравствените работници да се спроведува во нивните матични установи, наместо да одат како и досега во Центрите за јавно здравје.

Ќе се опфатат здравствените работници кои пројавиле интерес за вакцинација од јавно-здравствените установи во државата.

– На овој начин, вакцината ја направивме подостапна за сите здравствени работници, како една од ризичните категории, чија заштита во услови на ковид-19 пандемија е многу значајна. Во првата испорака до установите се обезбедија 2790 вакцини. Во најбрз рок ќе бидат испорачани и дополнителни количини поради големиот интерес помеѓу здравствените работници – велат од министерството

Оттаму потсетуваат дека од вторникот почна вакцинацијата против сезонски грип, а граѓаните можат да закажат термини за бесплатно вакцинирање преку својот матичен лекар. За оваа година, набавени се 40 илјади дози, 12 илјади дози повеќе од минатата година. Трета година е обезбедена бесплатна вакцинација за лица над 65 години, лица со хронични заболувања, бремени жени, здравствени работници и деца до 5 години.

– Како никогаш досега, оваа сезона од особена важност е спроведувањето на вакцинацијата против грип кај здравствените работници, со што ќе се намали заболување помеѓу нив и другите даватели на здравствени услуги кои се од суштинско значење во одговорот на коронавирусот – велат од здравство. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: архива

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука