COVID-19 Избор Култура Струга ТОП ВЕСТИ

Вевчанскиот карневал ќе се одржи со дел од обичаите и почитување на ковид-протоколите

Вевчани, 6. јануари 2021 (ОХРИДПРЕС) – Традиционалниот Вевчански карневал, кој околу 15 века се одржува на 13-ти јануари во Вевчани, поради пандемијата со коронавирусот, годинава ќе се одржи под посебни мерки и протоколи со цел заштита од ширење на COVID-19, но ќе задржи дел од обичаите, преку кои вевчанци со векови наназад „го бркаат злото”.

Заменик претседателот на василичарското друштво „Долна маала”, Перо Тешиноски вели дека имаат притисок од населението за одржување на традицијата, со која се „брка лошото”.

– Секојдневно разговараме со василичарите за почитување на мерките и протоколите. За предводниците, односно зетот, невестата, глупавиот август и музичарите можам да гарантирам дека ќе се придржуваат кон препораките за држење дистанца. Се надевам дека и останатите ќе го испочитуваат ветеното. Имаме голем притисок од жителите да се направи вековниот обичај, со кој се брка лошото, изјави Тешиноски.

На синоќешниот состанок, на друштвото било договорено дека нема да се реализираат обичаите од 12-ти јануари, но ќе се одржи маскенбалот следниот ден под посебни протоколи со маски и држење растојание. За вечерта најавуваат традиционална посета на домовите, но без влегување внатре.

Од василичарското друштво „Горна маала“ велат дека ја следат состојбата и насоките и деновиве ќе излезат со став. (Крај)

извор: МИА фото: ОхридПрес

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука