Скопје/Охрид, 8. јануари 2021 (ОХРИДПРЕС) – Во текот на 2021 година ќе започнат активности за прибирање теренски податоци за улици и куќни броеви за 508 населени места на територијата на 21 општина.
Станува збор за Охрид, Дебрца, Пехчево, Берово, Прилеп, Струмица, Свети Николе, Чучер-Сандево, Арачиново, Сопиште, Студеничани, Илинден, Петровец, Крушево, Гевгелија, Дојран, Кавадарци, Радовиш, Македонски Брод, Велес и Пробиштип, со што ќе се заокружи постапката на прибирање на податоците во согласност со фактичката состојба на терен.
Откако ќе биде донесен законот за систем на адреси, чиј предлагач е Министерството за транспорт и врски како надлежен орган, Агенцијата за катастар на недвижности, во соработка со останатите надлежни институции корисници на адресните податоци, треба да започне со процесот на воспоставување единствен национален адресен регистар, кој ќе содржи стандардизирани и ажурирани адресни податоци.
Според најавите, придобивки од востановениот адресен регистар ќе имаат сите институции, како и сите правни и физички лица во државата. Со него ќе се овозможи на брз и лесен начин да се пребарува и врши идентификација на улиците, зградите и становите во просторот и ќе се осигури точноста на податоците. Треба да се подобри пристапот до квалитетни и ажурни информации, да обезбеди централизирање на информациите и поврзување на институциите, да ги намали секојдневните трошоци за водење бизнис и на времето потребно за праќање и за примање податоци, како и да ја подобри комуникацијата во институциите.
– Се очекува неговото воспоставување индиректно да има влијание во стимулирање нови видови бизниси, како што се онлајн продавници, во ефикасно пребарување просторни единици од интерес, само со внесување на адресата, за намалување на трошоците за дистрибуција на податоците и информациите, зголемување на квалитетот на поштенската испорака што ќе го поттикне пазарот да ги користи овие услуги. Бесплатен и неограничен пристап до адреси е од огромна важност за јавноста и претставува средство во јавната администрација, индустријата и трговијата. Тој проект ќе служи како единствена референца за полицијата и службите за итни случаи (брза помош, пожарникари), транспортните услуги, логистиката, е-Влада, јавната администрација и граѓаните, најавуваат од Катастарот.
Се работи на овозможување приказ на теренски прибраните податоци за улиците и куќните броеви на веб-страницата на Катастарот кои ќе можат да се споредат со податоците запишани во еКат системот. Со тоа, на граѓаните ќе им се овозможи лесна идентификација на недвижностите според адресата. (Крај)
извор: Министерство за транспорт и врски фото: архива