јануари 29, 2015

Охрид, 29.јануари 2015 (ОХРИДПРЕС) – Советот на општина Охрид ја изгласа предлог-одлуката за донесување урбанистички план вон населено место Лагадин-Пештани, иако жителите на Пештани со писмен допис побараа од Локалната да се одложи оваа предлог-одлука бидејќи во тек е правната постапка за враќање за денационализираното земјиште на кое лежи автокампот „Елешец“.

Пештанци велат дека станува збор за атрактивно земјиште на брегот од Охридското Езеро кај автокампот со површина од 20 илјади метри квадратни.

-Станува збор за тринаесет семејства кои имаат земјиште на овој потег. Ова што го направи Советот на општина Охрид е многу брза и некоректна постапка. Ние не бараме ништо повеќе од она што ни припаѓа и затоа покренавме судска постапка за решавање на нашиот проблем со надеж дека правдата ќе биде задоволена, вели жител на селото Пештани.

Советникот од ВМРО-Народна партија Јоне Станкоски појаснува дека експресното донесување на оваа одлука, иако тој дал предлог за нејзино повлекување од дневниот ред, ќе биде на штета на граѓаните кои имаат земјиште во „Елешец“.

-Очигледно е дека онаму каде што елитите се заинтересирани за атрактивно земјиште, граѓаните тешко можат да го остварат процесот на денационализација и да си го вратат земјиштето кое им било одземено на сила, вели Станковски.

Од општина Охрид објаснуваат дека не навлегувале во судските постапки што ги имаат граѓаните.

– Постапката за денационализација не ја засега општина Охрид која го работи деталниот урбанистички план без оглед на кого се однесува. Не навлегуваме во судските постапки кои се водат, а документацијата е согласно сите законски прописи , додаваат од општината.

Проблем со денационализација на земјиште, пештанци имаа и кај атрактивниот камп „Градиште“. Околу 30 семејства со 150-тина наследници повеќе од една деценија низ судските лавиринти бараа денационализација на земјиштето на нивните дедовци кое се наоѓа каде што е овој камп кој важи за еден од најубавите на охридската ривиера. (Крај)

извор: ОхридПрес  фото: Душкало.мк

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука