јануари 14, 2021

Скопје/Охрид, 14. јануари 2021 (ОХРИДПРЕС) – Од досега сработеното, во изминатите 30 години, може да се заклучи дека државната и локалната власт немаат капацитет да ги менаџираат работите со статусот на Охрид и регионот, како светско културно и природно наследство, потенцираат во дописот до јавноста од Твоја партија.

– Се чини дека имаат проблем со значењето на терминот „наследство“, кое го сфаќаат како нешто архаично, што треба постојано да се обновува, ренови, изградува за да изгледа современо, а фактичкиот резултат е карикатуралност, скороевизам и загрозување на целокупниот „стар“ амбиент, заради кој е прогласено за светско културно наследство. Недозволиво е, автентична архитектура да биде со пластични прозорци, шут и депонии насекаде, нерешен статус на повеќе од 1.000 надоградби и нивна легализација на веќе заштитено место.Недозволиво е локалната самоуправа селективно да спроведува планови и на тој начин да се уништува заштитено светско културно наследство. Министерство за животна средина и Министерство за култура немаат капацитет за донесување акциони планови и управување со Националната комисија на УНЕСКО. Твоја партија бара Комисијата за управување со светското наследство во охридскиот регион да се реформира и да се вклучат експерти од УНЕСКО со право на вето. Скандалозно е доколку е вистина дека членови на Комисијата воедно и издаваат дозволи за градба. Истите треба веднаш да бидат разрешени и да се испита нивната работа. Бараме да се воведе „принудна управа“ во општините Охрид и Струга, заради целосно непочитување на плановите и препораките, со цел заштита на регионот. Да се одземат ингеренциите на локалните власти во делот на планирањето, урбанизмот и справувањето со отпадот, спроведување координиран инспекциски надзор и детектирање на проблемите. Максимално почитување и имплементација на препораките и забелешките на УНЕСКО, особено во делот на урбанизацијата, дивоградбите и зачувување на старата охридска архитектура во центарот на градот, потенцираат од партијата.

Додаваат дека бараат во Заводот за заштита на спомениците и Музеј од Охрид и Националниот конзервациски центар во Охрид да се вклучат експерти – советници од УНЕСКО.

– Членовите на македонската делегација на Конференцијата на Комитетот за светско наследство во Баку во 2019 година, Андреј Жерновски и Едмонд Адеми, не понесоа одговорност за лажните ветувања за спроведување на препораките на УНЕСКО и сé уште се високо позиционирани државни функционери. Затоа, Твоја партија бара отчет за сработеното, но и одговорност за несработеното, согласно извештајот на УНЕСКО. Охрид е град од светско значење кое ги надминува границите на државата и интересот на државата, а не само на поединци кои сакаат да направат профит. Охрид е наследство на човештвото и како такво треба да го третираме. Ги повикуваме сите граѓани активно да се вклучат со помош, но и со притисок кон централната власт со цел да го спасиме Охрид. Не смееме да дозволиме криминалот и крупцијата да го „проголтаат“ Охрид, потенцираат од Твоја партија. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: архива

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука