ИЗБОР НА УРЕДНИКОТ Култура Струга ТОП ВЕСТИ

Вевчани ден потоа: МВР вчера ја имаше најдобрата и најбројната групна маска (Фото/Видео)

Вевчани, 14. јануари 2021 (ОХРИДПРЕС) – МВР вчера ја имаше најдобрата и најбројната групна маска што сме ја виделе, велат на шега луцидните Вевчанци, ден по традиционалниот Вевчански карневал.

Вевчани денес беше мирно, со присуство на малубројни полициски службеници. Видливо беше присуството на маскираните Василичари, кои според традицијата, денес треба да ги запалат маските, со што ќе се заокружи годинешното издание на манифестацијата.

Погледнете дел од атмосферата денес во Вевчани.

Image may contain: 1 person, beard and outdoor

Image may contain: one or more people, people standing, hat, sky and outdoor

Image may contain: 1 person, standing, on stage, dancing, walking and outdoor

Македонската полиција вчера се обиде да спречи групирање на повеќе лица во селото Вевчани. Дел од славениците се судрија со полицијата од која беа спречени да учествуваат на традиционалните василичарски поворки.

Од СВР Охрид информираат дека полициски службеници денеска интервенирале во Вевчани поради непочитувањето на мерките и прописите за спречување на ширење на коронавирусот, односно забраната за групирање на повеќе од четири лица со што се загрозува здравјето на граѓаните во услови на глобална пандемија.

– Имено, и покрај претходно постигнатиот договор на три одржани состаноци со лицата инволвирани околу одржувањето на оваа манифестација да се почитуваат мерките и да нема групирање, денеска поголема група на граѓани се собра во Вевчани, без почитување на мерките односно со недозволено групирање поради што мораше да интервенира полицијата. По документирање на случајот, ќе бидат поднесени и соодветни поднесоци. Апелираме до сите граѓани заеднички да придонесеме за спречување на коронавирусот односно за зачувување на здравјето како на жителите на Вевчани, така и на сите граѓани, информираа од СВР Охрид.

Image may contain: 1 person, standing, outdoor and closeup

Поради ковид пандемијата, оваа година не се одржа музичкиот дел од традиционалниот Вевчански карневал, една од најпознатите карневалски манифестации на Балканот, стара колку и самото Вевчани.

Вевчанци жалат бидејќи, како што велат, живеат за спектакуларната ноќ на карневалскиот настан со кој се слави доаѓањето на Новата година според стариот календар, 13-ти и 14-ти јануари. Деновиве во јасноста излегоа повеќе информации дека нема да се одржи дефилето со маски, но Вевчанци сепак останаа доследни на традицијата.

– Општина Вевчани нема право да се меша во тоа дали ќе има поворки на василичарските друштва, меѓутоа ќе апелираме да нема групно собирање, да нема посети на домовите, да се запазат мерките што ги налага Комисијата за заразни болести. Сигурен сум дека ќе се применат тие мерки за да може да го славиме Свети Василиј онака како што сме го славеле со векови, изјави неодамна Сашо Јанкоски, градоначалник на општина Вевчани. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: архива

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука