Охрид, 15. јануари 2021 (ОХРИДПРЕС) – Со просечен дневен досег од 6,3% и неделен од 12,5%, Супер радио и во четвртиот квартал на 2020 година останува водечка во својот регион и една од најпопуларните радио станици во Република Македонија.
Податоците се објавени во официјалната анкета за досегот на радиостаниците и уделот на сателитските, регионалните и локални ТВ станици во вкупната гледаност во четвртиот квартал на 2020 година, изработена за потребите на Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги на Република Македонија.
Според посебната анкета за периодот на цела 2020-та година, Супер радио останува првиот избор кај слушателите. Просечниот дневен опсег на годишно ниво за 2020-та година е 5,4%, а неделниот 10,4%.
Супер радио минатата година наполна 28 години и останува еден од водечките медиуми во западниот дел од државава, со комплетна забавна, информативна и спортска програма. Супер радио е една од најстарите радио станици во државата и е на врвот на слушаноста од почетокот на објавувањето на официјалните рејтинзи на некогашниот Совет за радиодифузија на Република Македонија (сега АВМУ).
Потврда за работата на радио станицата дојде и од локалната заедница, со доделувањето на Св. Климентовата повелба за досегашната успешна работа и придонес за градот. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: ОхридПрес