Економија ИЗБОР НА УРЕДНИКОТ Охрид ТОП ВЕСТИ

Задолжените општини чекаат спас од Владата, долгот на Охрид е близу 7 милиони евра

Скопје/Охрид, 27. јануари 2021 (ОХИРДПРЕС) – Во пресрет на локални избори Владата сака да им ги отпише долговите на јавните претпријатија основани од општините. Предлог законот е во Собрание. Опозицијата обвинува дека со ова се прикрива „неспособното менаџирање“ на градоначаниците.

Вкупно 63 милиони евра изнесувал долгот на општинските јавни претпријатија во септември минатата година, од кои 54 милиони евра се доспеани и неплатени обврски кон државата заклучно до септември 2020 година. Останатите 9 милиони евра се долгови кои јавните претпријатија формирани од општините ќе треба да ги платат оваа и следната година, покажуваат податоците од третиот квартален извештај на министерството за финансии, стои во анализата на Радио слободна Европа.

Во првите десет најголеми должници влегуваат и јавните препријатијата за Водовод од Куманово и Скопје, од кое првото должи речиси 8 милиони евра, додека скопското претпријатие има 6 милиони евра неплатени доспеани обврски. На листата во првите десет најзадолжени се и општините Тетово со 9 милиони евра и Охрид со речиси 7 милиони евра долг, и општина Карпош со 5 милиони евра неплатени доспеани обврски.

Во пресрет на локалните избори годинава Владата ќе им помага на општините да ги покријат долговите на јавните претпријатија, кои со години трупаат долгови. Ваквото работење на јавните претпријатија чии основачи се општините, спас ќе добијат од Владата доколку во Собрание помине предлог законот доставен од министерството за правда. Ова е втор пат во изминативе три години владата да им помага на општинските татковци да излезат од наталожените долгови.

Во законското решение е наведено дека се предвидува задолжителен отпис на каматите од страна на доверителите, како и репрограмирање на долговите и трошоците на јавните претпријатија, со цел нормално функционирање на јавните претпријатија и непречена реализација на нивните развојни активности. Но, еден од проблемите е што во законското решение не се наведени конкретните финансиски последици, односно за колку пари ќе остане пократок буџетот, откако Владата ќе им ги прости долговите на јавните претпријатија.

– Со овој закон се уредуваат условите, начинот и постапката за отпишување на пресметани камати и за репрограмирање на главниот долг и трошоците на јавните претпријатија кон јавните органи кои произлегуваат од предмети поднесени за извршување пред извршителите и Управата за јавни приходи заклучно со 31.12.2017 година, се вели во законското решение.

Комплетната информација ОВДЕ. (Крај)

извор: Радио слободна Европа фото: ОхридПрес

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука