Охрид, 29. јануари 2021 (ОХРИДПРЕС) – Пакет мерките за угостителите и музичарите да продолжат сé додека траат било какви рестрикции во работењето, со оглед на тоа што интенција на Владата е зачувување на работните места, оттука произлегува и барањето за субвенционирање на бруто плата, што се надеваме дека ќе продолжи, вели за Супер радио и OhridPress првиот човек на „Охридскот еснаф“, Михаил Мишев.
Став на Независната угостителска комора и на сите членки, меѓу нив и на охридски еснаф е да има механизми за олеснување на состојбата додека има редукција во нивното работење.
– НУК и сите членки се согласуваат да ги почитуваат мерките што ги носи Комисијата за заразни болести, ни најмалку немавме други барања, ако е мислење на комисијата да се работи до 18:00 или 21:00 часот тоа ќе е така, немавме ургенции за работното време, оставаме на проценката на стручните лица, ние разговаравме само за економскиот момент. Кога би била друга ситуација треба да се отпуштат вработени, но интенција на Владата не е да се прави тоа, па оттука произлегува барањето за субвенционирање на бруто плата. Секое комунике што сме го имале со надлежните сме изразиле благодарност што Владата излегла во пресрет и бараме додека е проблематична ситуацијата да подлежиме на субвенции, да се осмисли како тоа да се севисира. Своевремено имавме интервенција кон Владата да има измена на условите за користење на мерките, бидејќи барааа бројот на вработени во и вон сезона да биде ист, што кај нас ни вон пандемија не било можно, потенцира Мишев.
За денеска беше закажана средба со вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи. Но, поради негово отсуство од Владата понудија средба со министерот за економија, Крешник Бектеши и претставник од кабинетот на вицепремиерот за економски прашања, по што угостителите одбија да присуствуваат. По објавените реакции на комората, од кабинетот на вицепремиерот Битиќи за утре од 14:00 часот закажаа средба со угостителите. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: архива