јануари 30, 2021

Скопје, 30. јануари 2021 (ОХРИДПРЕС) – Комисијата за заразни болести вели дека здравствената ситуација со Ковид-19 е стабилна, но ризикот не е намален.

Во текот на вчерашниот ден беа регистрирани нови 302 случаи, а Комисијата на вчерашниот состанок остана на ставот дека мерките за заштита од вирусот треба да останат исти, јави МИА.

Комисијата за заразни болести препорача работата во државна и јавна администрација, општините и судовите, согласно принципот на работа и работниот процес, да продолжи да се одвива во смени или онлајн од дома или, пак редуцирано со систем на ротации зависно од карактеристиките на работниот процес на институциите и да не се менува работното време на угостителските објекти и тие да продолжат да работат до 21:00 часот.

Министерот за здравство Венко Филипче вчера првпат оствари средба со новоназначениот амбасадор на Јапонија, Хиронори Савада на која дискутираа за актуелната ситуација со пандемијата со COVID-19 во државава и во Јапонија, за долгогодишната успешна соработка меѓу двете држави, како и за потпишувањето на договорот меѓу Амбасадата на Јапонија и Универзитетска Клиника за инфективни болести и фебрилни состојби на 4 февруари.

– Политичарите од власта нека ги засукаат ракавите и нека смислат како да ги донесат вакцините во државата и вакцинацијата да отпочне, бидејќи и онака доцниме веќе неколку месеци, додаде Мицкоски.

СДСМ пак потести дека имунизацијата во земјава ќе почне во февруари, нагласувајќи дека Владата и министерот за здравство Филипче вакцини набавуваат по три механизми – Ковакс, во директни преговори со производителите и преку солидарниот фонд на ЕУ.

Партијата нагласи и дека пациентите во државата ќе имаат можност да користат најсовремена и најскапа терапија т.н. моноклони антитела, специфична за корона вирусот.

Во својот прв извештај, Европската агенција за лекови потврди дека досега собраните податоци за употребата на вакцината во ЕУ се во согласност со познатиот безбедносен профил и оти не се идентификувани нови несакани ефекти. Како што веќе е познато, најчестите несакани ефекти што вакцинираните луѓе не ги чуствуваат, вообичаено се благи или умерени и исчезнуваат неколку дена по вакцинирањето.

Европска Унија не ја исклучи можноста и руската вакцина „Спутник V“ да биде одобрена во Европа, а се работи и на овозможување на нејзино производство. Шефот на германскиот институт „Пол Ерлих“ истакна дека е потребно одобрување дека вакцината ги исполнува стандардите. (Крај)

извор: МИА фото: архива

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука