Охрид, 3. февруари 2021 (ОХРИДПРЕС) – Владата на СДС продолжува со погубните политики, не само на централно ниво со своеглавото инсистирање на спроведување попис на населението среде пандемија, туку со таа политка продолжуваат и на локално ниво, реагираат од Локалниот огранок на партијата Левица од Охрид.
– По простување на долговите на општина Охрид, градоначалникот и неговоата партија на власт ветија дека општинскиот буџет и политики на локално ниво ќе бидат развојни и во интерес на сите охриѓани. Но, повторно по стапките на премиерот, и градоначалникот покажува неконзистентност во ставовите и политиките. Имено Советот на општина Охрид даде зелено светло за нови 32 вработувања во општината, за која пред доаѓањето на власт од СДС тврдеа дека е превработена со партиски кадри. Во таа насока говори и фактот дека бројот на вработени во општината во изминативе 15 години пораснал за најмалку 5 пати. Иако од СДС се свесни дека со таквата одлука на Советот не придонесува за развој на општината и е само дополнителен терет на општинскиот буџет, тие сепак одлучуваат да го спроведат. Целта на оваа одлука станува јасна доколку се погледне фактот дека наближуваат локалните избори и е потребно задоволување на барањата на членството на владејачата партија, стои во дописот до медиумите. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: архива