февруари 8, 2021

Скопје, 8. февруари 2021 (ОХРИДПРЕС) – Министерот за здравство Венко Филипче преку својот Фејсбук профил соопшти дека го потпишал договорот за набавка на кинеската вакцина од производителот „Синофарм“. – Обезбедуваме 200 илјади вакцини кои ќе стигнат во февруари, а точниот датум на испораката ќе биде утврден во следните денови. Ја почитуваме одредбата од договорот за тајност, податоците остануваат доверливи. Направивме детален план за процесот на вакцинација во три фази. Сите вакцини се безбедни и сигурни за граѓаните. Со имунизацијата почнуваме овој месец, вели министерот Филипче.

Како што најави претходно, со цел да се обезбеди функционирање на здравствениот систем, први ќе се вакцинираат здравствените работници поделени по категории.

– Согласно планот први се вакцинираат сите лица од група 1а односно – Здравствени работници кои директно работат со ковид пациенти од ковид центрите и од службите за итни состојби, од клиничките болници, јавни и приватни, од посебните институциите како домовите за стари лица, домови за лица со посебни потреби. Во првата група се и матични лекари и друг здравствен персонал вработен во матичните ординации. Вработени во лаборатории за тестирање и дијагностика, јавни и приватни. Здравствените работници, кои се на вакциналните пунктови, односно тимовите ќе ја спроведуваат вакцинацијата, објасни Филипче.

Вакцината Синофарм, е класичен модел на вакцина, добиена на технологија на ослабнување (инактивирање) на целиот вирус, постапка која се користи со децении за добивање на класични вирусни вакцини. Може да се дава на сите граѓани без ограничување, бидејќи има оптимален однос помеѓу безбедноста и ефикасноста. Покрај вакцината Синофарм, имунизација во нашата земја ќе се врши и со вакцините на производителите Фајзер и Астра Зенка, и за овие вакцини здравствениот систем е подготвен за прием и спроведување на вакцинација. Сите вакцини кои се на пазарот се развиени на безбедни платформи, односно се безбедни за граѓаните. Сите производители на вакцини имаат документи од нивните национални агенции, а Фајзер дополнително е вакцина која е регистрирана и од европското и американското регулаторно тело за квалитет на лекови. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: архива

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука