февруари 12, 2021

Охрид, 12. февруари 2021 (ОХРИДПРЕС) – Нема излевање на фекални води од колекторот во Охридското Езеро, покажале резултатите од вондредната инспекциска контрола врз работењето на колекторскиот систем.

Спроведната проверка од страна на Државниот инспекторат за животна средина по претставка на политичката партија „Левица“ покажала дека проблемот на излевање на количество на отпадни води (во голем процент атмосферски води) во езерото не е последица на неработењето на колекторскиот систем, соопшти првиот човек на ЈП „Колекторски систем“ Владимир Алексијоски.

– На препумпната станица Подмоље не се чувствуваше миризба на фекалија и беше евидентно големо количество на атмосферски води. Од системски поставениот прелив на базенот истекуваше одредено количество на вода од кое дел се влеваше во водите на Охридското Езеро. На препумпната станица во населба Даљан исто така немаше мирис на фекалија и немаше излевање на води од преливот на базенот. Кај игралиштето во оваа населба беа евидентирани излевања на атмосферски води преку преливните цевки кои се влеваа во водите на езерото и при тоа не беше евидентирана миризба и присуство на фекалија. Во Орце Николов беше евидентирано ниско ниво во собирниот базен и немаше мирис на фекалија, вели Владимир Алексијоски, в.д. директор на ЈП „Колекторски систем“.

Потенцира дека претпријатието како и досега ќе работи транспарентно и редовно ќе ја известува јавноста.

– Никако не можеме да дозволиме со децениските проблеми кои отпочнавме да ги решаваме и продолжуваме и понатака, поедини лица и институции сакајќи да добијат некои ситни поени да не омаловажуваат и окривуваат. Секојдневното излегување со извитоперени изјави и коментари не помага во решението на проблемите. Секојдневните барања на информации од јавен карактер воопшто нема да не попречат да продолжиме со искрен и отворен однос спрема сите. Ние сме тука и ние сме тие кои заеднички сакаме да работиме и да изнаоѓаме решенија за секој еден проблем, додава Алексијоски.

Политичката партија „Левица“ пред четири дена поднесе иницијатива за вршење на вонреден инспекциски надзор до државниот инспекторат за животна средина, по реакција на поголема група граѓани за засилено загадување и уништување на животната средина преку испуштање фекалии од колекторскиот систем во Охридското Езеро кое се случувало подолг временски период. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: архива

 

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука