февруари 15, 2021

Скопје/Охрид, 15. февруари 2021 (ОХРИДПРЕС) – Снегот кој е присутен деновиве во Македонија не ги изненади локалните власти. Дел од улиците, тротоарите, главните патишта се расчистени, дел се затрупани со снег и мраз.

Скршеници на колкови, рачни и зглобови на нозете се регистрираат после секое веење на снег како последица на замрзнати неисчистени тротоари, патеки и улички.

Неисполнувањето на законските обврски и должности од општините за расчистувањето на снегот претставува нарушување на правата на граѓаните, особено во поглед на правата кои произлегуваат од уставно загарантираните права за животната средина и опкружувањето, јави порталот skopjeinfo.mk.

Настраданите граѓани од нерасчистените снег и мраз може да поднесат тужба против локалните власти и локалното комунално претпријатие од општината во која живеат, бидејќи според Законот за јавна чистота, таа одговорност им припаѓа ним. Ако тужителот го добие спорот против тужениот субјект од локалната самоуправа, потоа оди во граѓанска парница, т.е. покренува спор пред надлежниот граѓански суд, за надомест на штета.

Граѓанинот ќе ја адресира тужбата во зависност од местото на паѓање, односно дали просторот за чистење на снегот е во надлежност на општината или пак на правното лице (комуналното претпријатие). Треба притоа да обезбеди медицинска потврда и документација за повредата.

Општините се должни да го исчистат снегот од јавните површини најдоцна во рок од 6 часа од почетокот на снежните врнежи. Во зимски услови при снежни врнежи сите сопственици, односно корисници на јавни објекти се должни веднаш да започнат со чистење на снегот на отворените простори пред јавните објекти, со што ќе се обезбеди непречен пристап до објектите, се вели во Законот за јавна чистота.

За чистење на снегот од тротоарите пред станбените објекти, за посипување на тротоарите со соодветен материјал во случај на голомразица, за чистењето на снегот од сопствените дворови, како и за чистење на снегот од покривите, ако тоа претставува опасност за минувачите или за самиот објект, се грижат сопствениците, односно закупците на објектите

Глоба од 1.000 евра следи за правното лице сопственик, односно корисник на јавен објект ако не го исчисти снегот од отворениот простор пред објектот, а од 4.000 евра за правно лице ако не обезбеди редовно и квалитетно одржување на јавната чистота и чистење на снегот на јавни површини во зимски услови. Исто така, глоба во висина од 30 отсто од одмерената глоба за правното лице следи и за одговорното лице во правното лице. (Крај)

извор: skopjeinfo.mk фото: skopjeinfo.mk

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука