Скопје, 17. февруари 2021 (ОХРИДПРЕС) – Во модуларната болница на Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби во Скопје започна вакцинацијата против коронавирус во земјава.
Први кои ја примија вакцината беа примариус доктор инфектолог Добринка Наунова Јовановска и главната сестра на Инфективната клиника Габриела Темелковска. По примање на вакцината и двете изјавија дека се чувствуваат добро и препорачаа сите граѓани да се пријават за вакцинирање. Втората доза на вакцината ќе треба да ја примат за 21 ден, за што веќе им е закажан термин.
Денеска продолжува вакцинацијата на сите вработенина Инфективната клиника, следат вработените во сите ковид центри, најпрво во Скопје, а од викендот ќе бидат опфатени и здравствените работници од болниците ширум зенјава и приватните клиники, изјави министерот за здравство Венко Филипче.
– За следната недела е најавено дека во земјава ќе стигнат 4.000 вакцини од Фајзер. Ќе започнеме и кампањата за подигање на свеста и сакам да апелирам дека без разлика од кој производител се вакцините, тие се безбедни. Ревакцинација ќе биде после 3 недели. Дел од вакцините се чуваат и овде во модуларната болница и може да седат до пет дена на температура од 2-8 степени, по што се раствараат и во рок од 5 часа мора да се аплицираат. Посакувам успешна имунизација, направивме организација да кога еднаш ќе започне вакцинацијата да не запре, изјави Филипче.
Запрашан зошто тој не е во првите кои се вакцинираат, Филипче одговори:
– Сметам дека здравствените работници се свесни за важноста на имунизација. Јас ќе се вакцинирам со цел да покажам и докажам дека вакцините се развиени на безбедни платформи и тоа е единствениот начин да се развие колективен имунитет. Не сакам да земам место од овие сега првични дози, кои се броени, на колегите кои директно работат со пациенти и сигурно ќе се вакцинирам со некоја од следните тури, рече Филипче.
Тој очекува за една недела до 10 дена да се извакцинираат сите здравствени работници, а во меѓувреме ќе стигнат и дополнителни дози вакцини. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: архива