Економија ИЗБОР НА УРЕДНИКОТ Македонија Охрид ТОП ВЕСТИ Туризам

Угостителите бараат државата да ги покрие трошоците за ПЦР тест за гостите

Скопје, 18. февруари 2021 (ОХРИДПРЕС) – Задоцнето е барањето државата, хотелите или туристичките агенции да го покријат целосно или делумно тестот за COVID-19 на странските трусти, велат туристички работници кои се занимаваат со обезбедување туристи за домашните капацитети.

Тие сметаат дека странците кои сакаат да патуваат во земјава ќе бидат имунизирани до почетокот на сезоната. Хотелиерите и дел од агенциите, пак, сметаат дека е време институциите да реагираат и да донесат вакво решение. Тие доставија и иницијатива до институциите за делумно или целосно покривање на трошоците за тестот за COVID-19 на странските туристи.

Засега нема конкретен одговор на иницијативата, но се најавува дека ако има потреба ќе се донесе некакво решение во таа насока. Од Агенцијата за поддршка и промоција на туризмот велат дека се следи состојбата и во зависност од европските и светските практики ќе бидат предложени до Владата одредени олеснувања и покривања на некои трошоци доколку се потребни.

Асоцијациите на туристичките и угостителските капацитети ја образложувата иницијативата со потребата да се гарантира здравствено безбеден престој на станците во земјава.

– Имаме доставено предлог до државата во рамки на субвенциите што ги дава на странските туроператори да носат туристи во земјава да го покрие и ПЦР тестот на гостите. Тестот би се направил на крајот на престојот на гостинот за да може слободно да се врати во својата земја и да не прават дополнителен трошок за патувањето, вели Крсто Блажевски, претседател на Асоцијацијата на хотелиери (ХОТАМ).

Предлогот да се покрие трошокот за тестот за ковид-19 го прифаќаат и туристичките агенции кои имаат странски партнери и обезбедуваат престој на странски туристи во земјава, но дел од нив велат дека е задоцнето барањето.

Според Олег Маленко од ТА „Вис Пој“ од Охрид веќе е доцна за реализирање на една ваква активност.

– Европските земји од каде што најмногу доаѓаат гости во земјава го имунизираат населението и секој што ќе сака да патува ќе има и вакцинален пасош со кој ќе може да влезе и во земјава. Проблем ќе биде дали Европската Унија ќе дозволи патување во земјава, вели Маленко.

Од Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот (АППТ) велат дека во земјава сѐ уште е активна програмата за субвенционирање на странските тур-оператори и туристи од 15 до 65 евра и дополнително се следи состојбата.

– Во зависност од европските и светските практики АППТ ќе предложи до Владата одредени олеснувања и покривања на одредени трошоци доколку се потребни. Во овој случај во Македонија нема потреба од ПЦР тестови за грчките граѓани, како и за граѓаните на ЕУ, бидејќи една од основните цели на туризмот е да се зголемат странските туристи коишто ќе патуваат во државата. Тоа значи дека и АППТ активно работи и наскоро ќе отпочне со промоцијата во неколку стратешки земји од регионот и топ петте пазари за Македонија од коишто очекуваме оваа година да имаме туристи и се надеваме дека бројот на туристи во зависност од нормализирањето на состојбата ќе биде за 20-30% повеќе отколку во 2020 година, велат од Агенцијата.

Комплетната информација ОВДЕ. (Крај)

извор: ПЛусИнфо фото: ОхридПрес

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука