Охрид, 21. февруари 2021 (ОХРИДПРЕС) – Охриѓани и денеска даваат масовна поддршка и се потпишуваат за нов попис кој ќе биде фер, веродостоен и европски.
– Потребна ни е статистичка операција, исправен и точен попис на населението, а не лажиран и политички каков што сака да спроведе власта, потенцираат организаторите од ВМРО-ДПМНЕ.
Од ОК на ВМРО-ДПМНЕ од Охрид потенцираат дека иницијативата се одржа согласно протоколите за COVID-19.
Во текот на вчерашниот ден, за само неколку часа беа собрани над 25 илјади потписи на над 300 локации ширум државата. Од ВМРО-ДПМНЕ информираат дека денеска собрале уште 20 илјади граѓански потписи со кои ќе бараат поништување на Законот за попис, односно дека за два дена се собрани околу 45 илјади потписи (потребни се 10.000).
– Благодарност до секој еден граѓанин за поддршката. Никој повеќе го нема правото да го игнорира народот, затоа што народот е силата, енергијата и кај него е вистината. 45 илјади потписи за вистински попис. Но и многу поширока порака за власта, која ако сега не ја разбираат, ќе ја разберат многу скоро, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
Но, нивната иницијатива за поништување на Законот според кој пописот треба да се одржи во април сепак е неформална и не би можела да има правни последици. Претходно, беше отфрлена иницијативата за собирање 10 илјади потписи во подрачните единици на Министерството за правда, затоа што ВМРО-ДПМНЕ ја поднесе во парламентот со старото уставно име на државата. (Крај)
извор: ВМРО-ДПМНЕ/360степенимк фото: ВМРО-ДПМНЕ