Охрид, 25. февруари 2021 (ОХРИДПРЕС) – Загрижувачки се состојбите во противпожарната служба во Охрид. Пожарникарите се оставени без нова и модерна опрема која ги задоволува европските стандарди, реагираат од локалниот Огранок на Левица од Охрид.
– Вработените спасуваат животи без нови возила, без нови апарати, без заштитна опрема и без нова интервентна униформа. Тоа што моментално го имаат, во најголем број е добиено преку донации од софистицирани држави. Кондури немаат добиено веќе 5 години, а пожарникарските кондури треба во континуитет да се обновуваат на секои 2 години. Специјалните пожарникарски ракавици кои ги имаат моментално се веќе оштетени (или мајсторски), а кој сака да ги обнови треба да ги плати од сопствениот џеб (професионални ракавици чинат неколку илјади денари). Негрижата, арогантноста и желбата за лично богатење на политичките елити е очигледен во фактот што ниту една претходна локална власт не обезбедија чамци за гасење на пожар од вода, а се одвојуваат народни пари за набавување на луксузни автомобили од највисока класа. Пожарната моментално располага со вкупно 6 камиони за интервенција, од кои само 2 се во добра состојба, а 1 камион е потполно неисправен. Просечната старост на возилата е 32 години. Додека членството на СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ излегуваат на апсурдни пресови со содржина дека се грижат за младите да останат во Македонија, а во пожарната служба сите нови вработени во последниве години имаат возраст над 45 години. Левица апелира во ваквите служби да се вработуваат исклучиво млади луѓе кои ќе бидат вистински заштитници на општеството и кои ќе бидат спремни за сериозни тренинзи на високо и професионално ниво. Тоа што е страшно и непосакувано, треба да се случат несреќи како пожари, пандемии и слично за да го увидиме и актуелизираме јавно проблемот. Не смее ниту една власт за дозволи тогаш да биде доцна и да испливаат на површина сите недостатоци, а професионалците да тапкаат во место, стои во дописот до медиумите. (Крај)
извор: Левица фото: Левица