Скопје/Охрид, 4. март 2021 (ОХРИДПРЕС) – Државниот инспекторат за животна средина во рамките на инспекциска постапка утврди дека на потегот помеѓу хотел „Далјан“ и Дом за стари лица во изградба, на површина од 964 квадратни метри на брегот од Охридското Eзеро и во самото езеро, фрлен е градежен шут и насипана е земја од ископ на темели од непозната локација.
– Во координација со Министерството за внатрешни работи, пронајден е сопственикот на земјиштето и против него е покрената кривична пријава. Со цел санирање на крајбрежјето, Инспекторатот поднесе и Информација за влијанието на нелегалното насипување на земја и шут на брегот на езерото во населба Далјан и за итно враќање на крајбрежјето во првобитна состојба. Имајќи го предвид Мислењето на Хидробиолошки завод од Охрид дека „нелегалното насипување на земја и шут на брегот од Охридското Езеро во населба Далјан има негативно влијание врз Охридското Езеро, особено врз квалитетот на водата и седиментот, врз живиот свет во езерото, неговиот биодиверзитет, оплитувањето и други негативни последици на овој значаен акватичен екосистем“ очекуваме Владата да ги задолжи Министерството за транспорт и врски и Општина Охрид да го отстранат насипот и да го санираат крајбрежјето. До надлежното Јавно обвинителство Охрид е доставена кривичната пријава за понатамошно постапување по случајот. Уништувањето на природното наследство е недозволиво, а виновниците мора да сносат одговорност, информираат од Државниот инспекторат за животна средина. (Крај)
извор: Државен инспекторат за животна средина фото: Државен инспекторат за животна средина