март 8, 2021

Скопје/Охрид, 8. март 2021 (ОХРИДПРЕС) – Сите општини во земјава заедно, просечно годишно наплатуваат по 1,3 милијарди денари, односно 21 милион евра за данок на имот од граѓаните и од фирмите. Просечната годишна наплата на овој данок се движи околу 81 процент, стои во извештајот на Центарот за граѓански комуникации (ЦГК).

Анализата покажува дека 60% од данокот на имот го собираат 10 општини. Според тригодишните просеци во оваа група се Центар (2,3 милиони евра), Карпош (2 милиони евра), Аеродром (1,4 милиони евра), Кисела Вода (1.3 милиони евра), Гази Баба (1,2 милиони евра), Охрид (1 милион евра), Битола (1 милион евра), Куманово (886 илјади евра), Илинден ( 694 илјади евра) и Кавадарци ( 646 илјади евра).

Значително поголем дел од данокот на имот се прибира од граѓаните, 70%, додека од правните лица, односно од фирмите се прибираат останатите 30%. И успешноста во наплатата е поголема кај граѓаните и изнесува 85%, а кај фирмите се наплатува по 78% од пресметаниот данок.

Во анализираните три години, односно 2017, 2018 и 2019 година постои зголемување на износот на наплатен данок на имот. Сепак, за разлика од 2018 година кога порастот во однос на претходната година бил 12,5%, во следната 2019 порастот бил само 2,5%.

Најголеми приходи од данок на имот има скопската Општина Центар, по околу 2,3 милиони евра годишно, а најмали, односно беа приходи по оваа основа е Општина Арачиново која не ни наплатува ваков данок, бидејќи нема база на податоци на даночни обврзници, ниту има формирано даночно одделение, поради што и не издава даночни решенија.

Само десетте градски скопски општини прибираат половина од цел данок на имот што се прибира на ниво на држава. Најуспешни во наплатата на овој данок се Росоман и Ресен, најмалку успешни, Студеничани и Маврово и Ростуше. По региони, највисок процент на наплата на овој данок има кај општините од Вардарскиот Регион, а најнизок од Полошкиот Регион. (Крај)

извор: Центар за граѓански комуникации фото: ОхридПрес

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука