Струга, 10. март 2021 (ОХРИДПРЕС) – Граѓанската иницијатива „Награда за чиста Струга“ во соработка со ателје „Нестор“ почна месечен ликовен натпревар за ученици од 6 до 15 години, на теми инспирирани од убавините на Струга.
Оваа соработка има за цел да се охрабрат и инспирираат најмладите да го ценат и одржуваат нивниот град.
– На сите учесници ќе им биде доделен сертификат, а две дела ќе добијат награда и репродукција во форма на разгледница. Делата ќе бидат избрани во две категории, на возраст од 6 до 10 години и од 11 до 15 години, велат од иницијативата „Награда за чиста Струга“.
Делата може да бидат изработени во било која големина и техника (цртеж, со молив или со боја) и со податоци од авторот да бидат доставени секој месец пред 20-ти, во ателје „Нестор“ на локалниот уметник и ликовен предавач Милко Нестор, што се наоѓа на вториот кат од Градскиот пазар во Струга. Сите пристигнати дела предвидено е да бидат претставени на изложба во декември годинава.
– Секое дете може да поднесе само едно дело месечно, но истото дете може да учествува повторно во наредните месеци. Сите деца ќе можат да си ги подигнат цртежите по завршување на изложбата, појаснија од иницијативата.
Инаку, покрај ова се доделува паричната награда наменета за граѓани кои доброволно ќе се погрижат за чистење на градот, што започна на 1-ви јануари, на иницијатива на уметницата од Малта, Лида Шерафатман, која веќе две години престојува во Струга, во соработка со различни локални сектори, индивидуални граѓани, невладини, приватни фирми и владини претставници. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: архива