Охрид, 17. март 2021 (ОХРИДПРЕС) – Состојбата со COVID-19 во Охрид е благо речено загрижувачка, само вчера беа регистрирани 38 новозаболени, хоспитализирани се 90 пациенти, а се поголем процент млади луѓе завршуваат на кислородна поддршка, истакна градоначалникот на Охрид, Константин Георгиески на гостувањето во Студио 10 на ТВ 24.
– Околу 100 здравствени работници се вакцинирани. Непречено функционираат мобилните тимови на општината и на Црвен крст, општинската зграда е затворена за странки. Училиштата и градинките засега немаат поголеми проблеми. Во третиот бран сме, мерките беа олабавени, работеа угостителските објекти, луѓето толку многу не ги почитуваат мерките. Поголем процент на млади луѓе завршуваат на кислородна поддршка, тоа се пациенти на возраст од околу 40 години, истакна Георгиески.
Истакна дека негов личен став е дека додека работат угостителските објекти, додека се полнат кафеаните, ќе се полнат и болниците. Тој апелира до Комисијата за заразни болести да ги заостри мерките во насока да се намали групирањето. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: архива