Скопје/Струга, 17. март 2021 (ОХРИДПРЕС) – Разрешен е директорот на струшката болница д-р Мухамед Асани, а нов ќе се назначи во текот на денешниот или утрешниот ден, објави на денешната прес конференција министерот за здравство во Владата на Република Македонија д-р Венко Филипче.
Одлуката е поврзана со случајот со родилката од Дебар на која по породувањето и’ биле извадени три органи. Филипче вчера објави дека формирал петчлена комисија да изврши стручен надзор во ОБ во Струга, поврзано со лекувањето на пацинетката од Дебар.
– Од членовите на Комисијата барам да утврдат дали имало неправилности или пропусти во вршењето на стручната работа, а особено во однос на спроведувањето на стручните упатства и условите и начинот на укажување на здравствена заштита на пацинетката. Комисијата е составена од 5 члена, професори и лекари од неколку Универзитетски клиники во Скопје, правник од МЗ и од ДСЗИ. Никој нема да биде поштеден од одговорност, истакна Филипче.
Директорот и гинеколог на болницата во Струга д-р Мухамед Асани во изјавата пред членовите на Лекарската комора навел дека родилката Јелдз Веаповска ја породил со машко бебе, а таа дома си дошла со женско бебе, објави „Слободен печат“.
„Слободен печат“ дојде до целосниот извештај од спроведениот стручен надзор на Лекарската комора, за случајот каде на медицинската сестра од Дебар Веапоска, извадени и беа матка, бубрег и јајник, иако во струшката болница отишла само за да се породи.
Во извештајот пишува дека кај родилката настапило крварење од артерија на левата страна, па затоа морале да го вадат и бубрегот.
– Со оглед на тоа што крвниот сад не можел да биде реконструиран, оперативната екипа била принудена да направи левострана нефректомија, пишува во извештајот од Лекарската комора кој содржи 10 страници. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: архива