Охрид, 17. март 2021 (ОХРИДПРЕС) – Граѓанската иницијатива Охрид SOS поднесе иницијатива за прогласување на ресторан-дискотеката „Парк“ во Охрид за споменик на културата и прогласување итна привремена заштита на недвижното добро според Законот за заштита на културното наследство.
Иницијативата за заштита на награденото архитектонско дело на охриѓанецот Павел Балабанов е доставена до Управата за заштита на културното наследство и НУ Завод за заштита на спомениците на културата и музеј Охрид, Националната канцеларија за УНЕСКО, Министерството за култура, Канцеларијата на претседателот на владата и Асоцијацијата на архитекти на Македонија, а беше поттикната од неодамна објавениот план за негово рушење и изградба на 4-катен хотел на 50 метри од брегот.
– Планот за рушење и изградба на нов комерцијален објект со неколкукратно поголем габарит од постојниот, доаѓа во време кога Охридскиот Регион е на праг да биде ставен на Листата на светско наследство во опасност, токму како резултат на несоодветната и агресивна урбанизација на крајбрежјето. До прогласувањето за споменик на културата, бараме ИТНА привремена заштита на објектот според чл. 39 од Законот за заштита на културното наследство. Воедно ѝ препорачуваме на Владата да го откупи објектот од моменталните сопственици и да го пренамени, по неговата конзервација, во Музеј на Охридското Езеро и Студенчишко Блато како споменици на природата и Рамсар центар за посетители. Одржлив развој е можен. Единствено е потребно искрени, стручни и посветени луѓе да ги носат одлуките, потенцираат од Охрид SOS.
Додаваат дека ова дело на архитектот Павел Балабанов претставува исклучително значаен и редок пример на современа архитектура од втората половина на XX век, чии вредности како од обликовно-естетски, така и од статичко-конструктивен аспект, се несомнени, што се потврдува со специјалното признание на Биеналето на Македонската архитектура за 1989 година.
– За жал, како резултат на неповолна затекната урбанистичка документација која го штити приватниот интерес, на штета на јавното добро, како и моменталниот недостиг од правна заштита на споменикот, овозможена е негова неповратна загуба, и покрај јасно изнесениот став на јавноста која е против негово рушење со цел изградба на хотел, стои во иницијативата на Охрид ЅОЅ. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: архива