март 20, 2021

Охрид, 20. март 2021 (ОХРИДПРЕС) – Локалната самоуправа и градоначалникот Константин Георгиески веќе четврта година како ги имаат заборавено младите. Секој ден сѐ повеќе млади се разочарани, а власта и градоначалникот спијат. Ветија многу проекти за младите, но за жал реализацијата е нула, порача на денешната прес конференција Александар Здравевски, претседател на УМС при ОК на ВМРО-ДПМНЕ од Охрид.

– До каде е формирањето на Локален младински совет, преку кој претставниците ќе имаат право да предлагаат точки на дневен ред на Советот на општината кои ги засегаат младите? Формирањето на Локален младински совет произлегува и како обврска од Законот за младинско учество и младински политики кој беше донесен со консензус од сите политички подмладоци и младински организации уште минатата година, а рокот за формирање Локален младински совет е една година. Во Охрид и по една година и неколку месеци ова тело сѐ уште не е формирано. Не гледаме дека власта има локална стратегија за млади, туку слушаме само празни зборови и ветувања. До каде е канцеларијата за млади која претставува примарна точка за пристап на младите на локално ниво? Нема ниту Младински културен центар каде што ќе се подготвуваат програми со кои младите ќе добијат мотив да останат во градот, како и развој на личниот и професионалниот живот. Младите во Охрид немаат никаква поддршка од власта и Георгиески, а доказ за тоа е што ниту еден проект не е реализиран за младите. Локалната власт нема слух за потребите на младите. Локалната самоуправа и градоначалникот Георгиески немаат никаков интерес за младите, немаат план и стратегија за младите и очигледно е дека младите не им се приоритет, потенцираат од партијата. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: архива

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука