Дебрца, 13. април 2021 (ОХРИДПРЕС) – Деновиве започна санацијата на дел од старата училишна зграда во село Слатино.
Ќе се изврши санација на кровната конструкција, три простории во објектот, надворешната врата и прозорци и предната надворешна фасада.
– Една од внатрешните простории и во иднина ќе се користи за потребите на примарната здравствена заштита, а во другата просторија ќе биде отворена спомен соба во чест на нашиот сограѓанин, Игор Костески, македонски бранител, припадник на Баталјонот за специјални намени „Волци“ при АРМ, учесник во воениот конфликт во Македонија во 2001 година, напиша на својот профил на Фејсбук градоначалникот на општина Дебрца, Зоран Ногачески.
Оваа година, на 28-ми април се навршуваат 20 години од страшната погибија, кога кај Вејце од страна на припадници на терористичката ОНА, на подмолен начин, во заседа беа убиени 8 бранители и тоа 4 припадници на Специјалната единица на АРМ, „Волци”, меѓу кои и водникот Игор Костески и четири припадници на посебната единица на СВР Битола. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: Зоран Ногачески