Охрид, 19. април 2021 (ОХРИДПРЕС) – Независната угостителска комора (НУК) и здруженија кои членуваат во неа во целост ги оправдуваат барањата на Туристичко-угостителската комора, но се резервирани по однос на организирањето протести во вакви околности.
Ова било заклучено на денешната средба на првиот човек на НУК, Здравко Јосифовски, со првиот човек на здружението „Охридски еснаф“, Михаил Мишев и членките на комората и здружението.
– Во однос на утрешните протести ги оправдуваме барањата на ТУК меѓутоа со резерва во поглед на начинот на кој се спроведува, во овој период и во овие околности, со оглед на актуелната состојба. Сметаме дека со учество во дискусиите со надлежните институции, па и при донесувањето соодветни мерки можеме да придонесеме за подобро справување како со епидемијата така и во намалувањето на негативните последици во нашата дејност, изјави Мишев за Супер радио и OhridPress.
Државата најави дека ќе има и шести пакет мерки антикризни мерки за помош на најзасегнатите стопански гранки од пандемијата. Според првичните информации како што дознаваме за угостителскиот сектор помошта нема да биде за покривање на плати, туку ќе се покриваат штетите претрпени од неработењето на субјектите.
Покрај актуелните состојби со ковид пандемијата и влијанието врз туристичко-угостителскиот сектор, на денешната средба се разговараше и за правилата и начините на издавањето на првиот национален македонски сертификат и печат Clean&Safe (Чисто и безбедно), како и обврските и одговорностите кои произлегуваат од добивањето на меѓународниот сертификат и Safe Travels, за кој Независната угостителска комора доби од Министерството за економија овластување за издавање на истиот.
Неговото воведување стои како препорака за секој угостителски објект доколку сака да го имплементира. Охридскиот хотел SU е прв угостителски објект во Охрид и Република Македонија на кој му е издаден сертификатот Clean&Safe, со што гарантира дека се придрѓува кон нормите и препораките на СЗО и Комисија за здравство. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: ОхридПрес