Охрид, 22. април 2021 (ОХРИДПРЕС) – Во Охрид минатото лето беа СИТЕ. Ама буквално СИТЕ. И оние кои редовно доаѓаат, и оние кои за прв пат го посетија, и оние кои поради сопствените станови (во огромен број) веќе се „домашни“, и оние кои можат да си ги дозволат Малдивите, Бали и Куба, па тука во нормални услови доаѓаа на викенд или концерт…
СИТЕ на едно место, СИТЕ во ОХРИД!
Владата, збунета од пандемијата и под притисок на јавноста дека мора нешто да направи, го нишаше возот додека вагоните стоеја во место и во исто време „туркаше“ кампањи да не ја замениме лежалката на плажа со болнички кревет со онаа за летување на локални дестинации, потпомогнато од ваучери. И така туркавме, трчавме сите во место, па кој преживеа, нека раскажува. Во Охрид велат дека се прајТ слатко и од кромид… Се прајТ, ама не се јајТ.
Тоа лето беше и помина. Локалците кротко чекаа некој од горе да им даде насоки и ги добија. Во Охрид минатото лето скоро и да немаше почитување на мерките, градот беше полн со гости, навечер младите, кога веќе ништо друго не им понудивме, се самоорганизираа и се дружеа онака како што тие мислеа дека е најдобро.
Охрид, како најголем туристички центар во Република Македонија, беше исполнет, особено во текот на втората половина на јули, август и дел од септември. Тоа до некаде ги „залечи раните“ на туристичките работници, но и генерално на економијата во градот под Самуиловата тврдина, која е сериозно разнишана под ударот на корона пандемијата. Државните мерки и туристичките ваучери до некаде помогнаа, но од друга страна отворија нови предизвици и сериозни проблеми во најава.
Сместувачките капацитети скоро 100% беа исполнети со домашни гости, што секако мора да биде предмет на посебни анализи и да се превземат соодветни чекори во пресрет на новата сезона. Уште една сезона со ваков „квалитет“, може од корен да го смени пристапот кон туризмот во Охрид и квалитетот на истиот. Тоа е нешто на што се работеше долги години наназад, со сите направени поголеми или помали грешки, и сепак полека се движеше во посакуваниот правец. Минатата година, викенд становите, во комбинација со ваучерите, направија Охрид да наликува на некое работничко одморалиште од едни други времиња. Стратегијата мора да се менува, или во најдобар случај да се прилагоди, затоа што Охрид го „преживеа“ минатото лето, но вистинско прашање е како ќе го „преживее“ следното, доколку продолжи COVID-19 „приказната“.
Полното шеталиште е секогаш убава глетка за око, но доколку тоа не соодветствува со влез на свежи средства во економијата, се движиме во правец, кој на подолг период, ќе значи скоро комплетно менување на сликата за градот. Ако на тоа се додадат и урбанистичките атаци, дивоградбите, криминалот, локалните шерифи кои прават што сакаат, стигнуваме до слика, која е далеку од розова за древниот Охрид.
Што не очекува ова лето?
Угостителите најжестоко се борат за своите правдини и успеаја да се наметнат кај власта и да се изборат за своите права. Поучени од тоа, секојдневно се’ повеќе сектори се вклучуваат во барањата, а често и протестите, обидувајќи се да ја стават Владата на „жешко“ и да добијат помош. Министерот Бектеши најави дека во текот на мај ќе се објави повик за туристички ваучери за домашен туризам од 6.000 денари. Претходно се спомна дека истите ќе бидат со вредност од 12.000 денари, но изгледа не им помина „математиката“.
Охрид ова лето ќе биде порастеретен од оние кои ги спомнавме погоре со Малдиви, Бали и Куба… Најавата за влегување во Грција само со сертификат за вакцинација или негативен ПЦР тест, за нив, но и за голем дел од средната класа, администрацијaта и сите со повисоки примања е лесно надминлива пречка до некоја од плажите „у Грчка“. А и минатата година ја прескокнаа, па годинава ќе мора да се надополни „за сите пари“. Минатата година на оваа (барем декларативно) најпосакувана категорија домашни гости во Охрид не им понудивме скоро ништо посебно како влог во нивното повторно доаѓање. А најголемиот дел тука имаат и сопствени станови, па одамна ни се „комшии“ и можат да скокнат до Охрид, секогаш кога ќе им се намали „Охридинот“ во крвта.
Како дел од Програмата за развој на туризмот, од Општина Охрид во февруари се пофалија дека е изготвена нова Стратегија за развој на туризмот за периодот од 2020 до 2025 година. Стратегијата била изработена од стручни научни работници од Факултетот за туризам и угостителство од Охрид и истата „ја дефинира долгорочната визија, стратешкиот правец, целите и приоритетните проекти за идниот развој на туризмот“.
Дали оваа стратегија „ќе фати корен“ ќе покаже времето, но мора да се има во предвид и самиот факт што корона пандемијата смени многу наши навики – туристите се’ почесто патуваат во помали групи, во помалку истражени места како национални паркови, планини и рурални места и сакаат да истражуваат локални искуства и храна. Тоа во исто време е и голема шанса за Охрид, пред се’ поради неговата местоположба, прекрасното езеро, околните планини, руралниот туризам со селата во околината, морето кое е на само 150-тина километри…
Сето тоа е шанса за нас, а дали ќе ја искористиме останува повторно, на нас… (Крај)
извор: ОхридПрес фото: ОхридПрес