Скопје, 23. април 2021 (ОХРИДПРЕС) – Компанијата „Фајзер“ во текот на мај во Македонија ќе испорача околу 26 000 дози вакцини, најави министерот за здравство Венко Филипче.
– Денеска добивме листа од страна на компанијата на „Фајзер“ со која што беше напоменат распоредот на количини кои ќе стигнуваат во мај. Секој понеделник од 5 до 7 илјади, или околу 26 000 очекуваме во текот на целиот месец, изјави Филипче.
Во тек се подготовките за помасовна имунизација со 200 000 дози од кинеската вакцина „Синофарм“, најавени да пристигнат на 28-ми април, а ќе се вакцинираат граѓаните кои се пријавени на сајтот vakcinacija.mk. Дотогаш пунктовите за вакцинација во Охрид, Штип, Куманово, Битола, Тетово и Кавадарци ќе бидат подготвени и опремени и со опрема и со кадар.
– Веднаш после пристигнувањето, веројатно тоа ќе се преклопи со велигденските празници, ќе биде дистрибуирана ширум државата и вакцинацијата со оваа вакцина ќе започне во вторник непосредно после завршувањето на велигденските празници, додаде министерот.
Во однос на епидемиолошката состојба, последните денови се подобрува, се намалува бројот на нови случаи позитивни на коронавирусот и на прегледите во ковид-центрите, а како што нагласи, попушта притисокот врз болниците.
На почетокот на следната недела ќе се разговара за типот на рестриктивни мерки што ќе се предложат во следниот период. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: архива