април 27, 2021

Охрид, 27. април 2021 (ОХРИДПРЕС) – Градоначалникот на Охрид Константин Георгиески, веќе со месеци се фотографира пред асфалтираните улици, како парите со кои се расфрла да се од неговиот џеб, а не пари од граѓаните, реагираат од Локалниот огранок на партијата Левица од Охрид.

– Мизерно е во 21 век да се фалиш со асфалтирање на улици, водејќи веќе предизборна кампања, а уште помизерно и полицемерно е, додека ги трошиш парите од граѓаните, да им наметнуваш нови давачки. Константин Георгиески повторно со нов предлог за поскапување на водата и тоа фиксен надомест за домаќинства 100 денари, а за останатите 120 денари. Ваквиот предлог на градоначалникот се случува за време на пандемија и економска криза, кога десетици илјади граѓани ги изгубија своите работни места, кога секое семејство одвај крпи крај со крај, кога потрошувачката кошничка станува се’ поскапа, а буџетот на секое семејство се’ потенок, кога претпријатијата и угостителските објекти работат со големи загуби. Останува да се надеваме дека советниците едногласно ќе се изјаснат против поскапувањето на водата, во интерес на граѓаните. Да ги потсетиме советниците и градоначалникот дека Советот на Општина Охрид носи одлуки, а градоначалникот е тој кој ги спроведува тие одлуки, а не обратно. Да му порачаме на градоначалникот Георгиески и на неговата матична партија СДСМ, да запрат со партиски вработувања во Јавните претпријатија и да им објаснат на своите членови дека партиите не се биро за вработување. Јавните претпријатија се веќе превработени, а решението за таа превработеност не е поскапување на услугите, реагираат од партијата. (Крај)

извор: Левица фото: архива

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука