Избор Охрид Спорт ТОП ВЕСТИ

Охрид во октомври ќе биде домаќин на Европското клупско првенство во шах

Скопје/Охрид, 29. април 2021 (ОХРИДПРЕС) – Директорот на Агенцијата за млади и спорт, Наумче Мојсовски оствари средба со претседателот на Шаховската федерација на Република Македонија, Александра Гакидова и претседателот на Шаховскиот сојуз на Град Скопје, Ѓорѓи Миновски.

На состанокот се разговараше за неколку теми поврзани со развојот на шахот во Македонија и организација на шаховски настани/натпревари во текот на 2021 година. Меѓу другите шаховски натпревари кои се планирани за оваа година од посебен интерес и значение беше истакнато Европското клупско првенство во шах кое во огранизација на Шаховската федерација на Македонија ќе се одржи во Охрид во почетокот на октомври 2021. Ова натпреварување на кое настапуваат педесетина екипи од цела Европа, беше издвоено како одлична можност за промоција на шахот, но и на Македонија како држава. Директорот Наумче Мојсовски, во името на Агенцијата за млади и спорт, изрази подготвеност да го поддржи настанот и даде ветување дека ќе стори се во своите можности да ја потпомогне организацијата на овој настан.

На средбата беше разговарано и за други активности кои Шаховската федерација и Шаховскиот сојуз на Град Скопје ги имаат во план, како што е воведување на шахот во основните училишта, за почеток како факултативна секција во училиштата на територијата на Град Скопје и можности за проширување на тој проект во другите градови во Македонија, се наведува во соопштението од Шаховската федерација. (Крај)

извор: Канал 5 фото: архива

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука