мај 5, 2021

Скопје, 5. мај 2021 (ОХРИДПРЕС) – Црвенковски не може да биде друго освен СДСМ. Не верувам во вакви приказни дека Црвенковски ќе формира партија, но сепак, треба него да го прашате, изјави премиерот и лидер на СДСМ Зоран Заев на новинарско прашање за коментар на информациите дека поранешниот претседател на СДСМ ќе формира партија.

– Црвенковски беше претседател на партијата, премиер, претседател на држава, тој е општественик. Верувам дека шпекулациите се присутни оти во Охрид најавија независна листа за локалните избори. СДСМ покажа сериозно единство и во време на опозиција и во власт и така ќе продолжиме. На локалните избори ќа настапиме единствени и сплотени, да бидеме мудри да ги понудиме најквалитетните кандидати оти граѓаните од нас тоа го очекуваат. Внимателно ги слушаме граѓаните, правиме анкети и сметам дека ќе понудиме квалитетни кандидати за градоначалници и советници, изјави Заев.

Неодамна беше формиран Иницијативен одбор за подготовка и поднесување на листа на независни кандидати за членови на Советот на општина Охрид на претстојните локални избори. Мотото и називот на листата гласи „Охрид пред СЕ’“, а основна цел на Иницијативниот одбор е подготовка на граѓанска листа составена од професионалци, работливи, чесни и слободоумни охриѓани кои ќе го преземат управувањето со Советот на општината и ќе го претворат во место каде граѓаните реално ги решаваат своите локални проблеми. (Крај)

извор: ПлусИнфо/ОхридПрес фото: архива

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука