мај 5, 2021

Охрид, 5. мај 2021 (ОХРИДПРЕС) – Денеска започнаа активности за отстранување на бесправните објекти на плажите на потегот од хотел „Метропол“ до селото Пештани.

Со присуство на екипи на охридската полиција, денес се отстрануваа шанковите и објектите на плажите „Плажа 10“ и „Акапулко“.

Сопствениците ја обвинуваат општина Охрид за селективности и потенцираат дека плажите пред големите хотели остануваат, а нивните се рамнат со земја.

Акцијата ќе ги опфати објектите на физичките или правните лица кои имаат добиено Решение за отстранување на бесправно изграден објект/градба и истите не постапиле во согласност со издадените решенија од страна на градежните инспектори при Инспекторатот на општина Охрид. Со цел да се намалат штетите, да се избегнат дополнителни трошоци и да се забрза процесот на отстранување, општина Охрид упатува апел до сопствениците на бесправни градби да постапат по решенијата за отстранување и сами да ги отстранат објектите.

Во текот на изминатите две години, локалната самоуправа во согласност со финансиските можности реализираше активности за отстранување на платформите на угостителските објекти во потегот од месноста „Ј’но“ до населбата „Канео“, бесправни објекти на потегот во населбата ,„Свети Стефан“, а се спроведуваа и активности за отстранување на еден поголем сместувачки објект и две бетонски бази.

Од општина Охрид најавуваат дека активностите за отстранување на бесправните градби ќе продолжат тековно и последователно додека не биде отстранети сите објекти кои ја загрозуваат животната средина и ги деградираат уникатните аспекти на регионот.

Расчистувањето на плажите од времени објекти треба да заврши најдоцна до 15-ти јуни и истите ќе бидат уредени со песок од сливот на Охридско Езеро. Средствата за отстранување на бесправните објекти, во износ од 6 милиони денари беа обезбедени од страна на Владата на Република Македонија, а дополнителни 3 милиони денари обезбедени на последната седница на Совет со алокација на средства во општинскиот буџет. (Крај)

извор: Охрид1/ОхридПрес фото/видео: ОхридПрес

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука