мај 7, 2021

Струга, 7. мај 2021 (ОХРИДПРЕС) – Под строги здравствени протоколи за заштита на населението од ширење на коронавирусот, без традиционалните торжества и бројни верници, денеска во Струга ќе се одржи познатата Литија со моштите на „Свети Георгиј Победоносец“ и чудотворната икона на светецот.

Организаторите апелираат до верниците, доколку сакаат се поклонат пред моштите тоа да го направат од балконите или тротоарите со почитување на здравствените протоколи.

– Поради актуелната состојба со пандемијата од COVID-19, годинашната Литија ќе се одржи под строги здравствени протоколи. Низ улиците ќе поминат моштите од Свети Георгиј Победоносец и чудотворната икона со братството и сестринството од Бигорскиот и манастирот во Рајчица, без оркестарот и традиционалните торжества. Апелираме до верниците да не се движат во толпата. Доколку сакаат да се поклонат пред моштите тоа да го направат од балконите и тротоарите со почитување на мерките за заштита, држење растојание и носење заштитна маска, посочи организаторот во изјава за МИА.

Од ОВР Струга информираат дека ги презеле сите неопходни мерки за безбедно одвивање на црковната процесија со акцент на строго придржување до превентивните мерки и препораки за заштита на населението од вирусот COVID-19.

– Ќе се изврши физичко покривање на поширокиот дел од црквата „Св. Ѓорѓи“ како и целокупната траса по која ќе се движи црковната процесија и нема да дозволи групно движење позади поворката. ОВР Струга апелира до верниците, настанот да го следат од страна без придружување кон поворката и целосно придржување до препорачаните хигиенско-безбедносни мерки со цел, заштита на јавното здравје на населението од COVID-19, информираат од СВР Охрид.

Традиционално на вториот ден Ѓурѓовден, 7-ми мај, во Струга се одржува Литија со моштите од Свети Георгиј Победоносец од истоимениот манастир во Рајчица. Годинава, во услови на пандемија, моштите од светецот ќе пристигнат од манастирот во Рајчица на раскошно украсен епитаф и по отслужување на вечерната богослужба, Литијата ќе почне да се движи низ Струшките улици околу 17:00 часот. (Крај)

извор: МИА/ОхридПрес фото: архива

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука