Охрид, 7. мај 2021 (ОХРИДПРЕС) – Од почетокот на масовната имунизација во Охрид се вакцинирани над 2.300 лица, а од ден на ден се зголемува интерерсот за вакцинација против COVID-19.
Во салата „Билјанини извори“ во Охрид што функционира како регионален пункт за имунизација одзивот е добар, само вчера се вакцинираа 990 граѓани, информира за Супер радио и OhridPress директорот на охридската Општа болница д-р Горан Балески.
– Вакцинацијата оди добро, на првиот ден во вторникот имаше околу 500 вакцинирани, но завчера имаше 900, а вчера 990. Лицата доаѓаат на закажан термин согласно пријавата на страната vakcinacija.mk. Процесот на вакцинација е безбеден, сигурен, вклучени се искусни членови на медицинскиот тим, вели д-р Балески.
Паралелно со имунизација на населението е вакцинираат и здравствените работници од болниците во Охрид и регионот.
Според податоците од Министерството за здравство преку веб платформата vakcinacija.mk пријавени се над 256.346 граѓани. На вакциналните пунктови во државата заклучно со вчера вакцинирани се вкупно 84.312 граѓани. Прва доза вакцина вчера примиле 10.135 граѓани, а вчера вкупно се вакцинирале 12.606 граѓани. Во државата вкупно вакцина и ревакцина примиле 104.962 граѓани, а две дози примиле 20.650 граѓани. Со последните бројки 28 отсто од населението над 70 години имаат примено барем една доза вакцина. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: ОхридПрес