мај 11, 2021

Охрид, 11. мај 2021 (ОХРИДПРЕС) – Од минатиот вторник кога започна процесот на масовната имунизација против COVID-19 во регионалниот пункт во Охрид заклучно со вчера се вакцинирани околу 6.500 лица, закажани преку веб страната vakcinacija.mk, здравствени работници и останати приоритетни групи.

Процесот оди добро, интересот за вакцинација расте, па само вчера беа вакцинирани 1.500 граѓани, вели за Супер радио и OhridPress директорот на охридската Општа болница д-р Горан Балески.

– Добро оди процесот, лицата доаѓаат на закажан термин, добивме и втора пратка од кинеските вакцини и на залиха имаме за околу 2-3 дена. Покрај имунизација на населението, веќе се вакцинирани и здравствените работници од сите здравствени установи, потенцира д-р Балески.

Д-р Балески: Ако продолжи намалувањето на хоспитализации, ковид одделенијата ќе се вратат во нормална патологија

При крајот на месецов ќе започне и ревакцинација на лицата, па ќе има дополнителен протокол за уредување на салата „Билјанини извори“, се планира зголемен број на кабини и да има посебен влез за лицата кои се вакцинираат и оние кои ќе дојдат да примат втора доза, со цел да не се создаваат гужви. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: ОхридПрес

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука