Скопје/Охрид, 26. мај 2021 (ОХРИДПРЕС) – Уште само шест дена трае Јавниот повик за пријавување на интерес од страна на угостителските објекти за сместување за прием на гости кои ќе добијат Потврда за одмор на работници со ниски приходи во вредност од 12.000 денари.
Основна цел на оваа мерка на Министерството за економија на Република Македонија е да им се овозможи на лицата со ниски приходи да искористат годишен одмор во туристичките центри во Република Македонија, и во исто време да им се помогне на туристичките центри во зголемување на обемот на работа.
Право на учество на јавниот повик имаат сите категоризирани угостителски објекти за сместување (хотели) кои се лиценцирани и се во туристичките центри во Република Македонија и туристичките агенции со А Лиценца.
За пријавување на интерес угостителските објекти за сместување (хотели) и туристички агенции со лиценца А до Министерството за економија треба да достават пополнет образец за барање за пријавување на интерес (готов формулар).
По пријавување на угостителските објекти и туристичките агенции, Министерството за економија ќе објави и јавен повик за сите лица кои сакат да добијат ваучер за туризам во вредност од 12.000 денари. Ваучер за користење на одмор ќе добијат сите лица со ниски приходи кои што ќе аплицираат на јавниот повик, чии месечни примања во семејството не го надминуваат нето износ од 30.000 денари.
Крајниот рок за аплицирање е 31-ви мај 2021 година, а вкупниот буџет за реализација на проектот е 15.000.000 денари.
Јавниот повик е објавен на веб страната на Министерството за економија. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: ОхридПрес