Скопје, 26. мај 2021 (ОХРИДПРЕС) – Владата на вчерашната седница одлучи српските туристи кои ќе транзитираат по Коридорот 10 низ Македонија да не плаќаат патарини.
Одлуката се однесува за периодот од 15-ти јуни до 15-ти август, ќе бидат изработени 200.000 М-Смарт Кард, а ќе бидат потрошени 172.000.000 денари. Откако ќе заврши проектот, во случај на неискористени средства, ЈП за државни патишта истите ќе треба да ги врати во владиниот буџет.
– Пресметките за 200.000 картички се направени преку анализи на поминати возила во претходните години. Ако се земе предвд дека лани границите речиси беа цело време затворени, земени се податоци од 2019 година, кога имаше рекорден приход од патарини. ЈП за државни патишта е задолжено за изработка на картичките, а МВР ќе ги распределува на возилата со српски туристи кои ќе влегуваат на територијата на Македонија преку граничниот премин Табановце, потенцира владиниот портпарол Душко Арсовски.
На секоја електронска картичка ќе има по 760 денари по возило, колку што чини транзитот по Коридор 10 од Табановце до Богородица. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: архива