мај 27, 2021

Скопје, 27. мај 2021 (ОХРИДПРЕС) – Летната сезона е на стартот, а четирите европски земји кои имаат најголем број туристи годишно ги отвораат своите граници, со одредени ограничувања за туристите.

Секоја од нив и натаму има извесни ограничувања.

Грција

Грција ги отвори своите граници на 14-ти мај. Сите патници што доаѓаат во оваа земја мора да имаат или потврда за вакцинација или негативен ПЦР-тест не постар од 72 часа. Тестот е задолжителен за сите патници, вклучително и за деца постари од пет години. Исто така, задолжително е да се пополни формуларот ПЛФ пред да пристигнете во Грција.

Секој патник што ќе пристигне во Грција, без оглед на сертификатот што го поседува, може да биде подложен на случаен медицински преглед. Прегледот е задолжителен, а грчките власти можат да забранат влез во земјата на патници што ќе одбијат да го сторат тоа.

На почетокот на мај во Грција беа отворени барови, кафулиња и ресторани, под услов посетителите да седат во градините и на отворено. Што се однесува до купувањето, продавниците се отворени, но со обврска за ограничување на бројот на клиенти. Музеите и археолошките места, вклучително и Акропол во Атина, исто така, повторно се отворени за туристи.

The Ten Best Beaches on Halkidiki, Greece's Beautiful Three-Legged Peninsula

Шпанија

Пред три дена Шпанија усвои декрет со кој им се дозволува на британските граѓани да влезат во земјата без карантин или тестирање. Што се однесува до туристите од други земји, од 7 јуни сите вакцинирани патници што примиле една од вакцините одобрени од Европската агенција за лекови (ЕМА) можат да летуваат во Шпанија.

Оние што ќе ја посетат оваа земја нема да мора да се грижат за полицискиот час бидејќи тој од неодамна е укинат. Што се однесува до плажите, препорака на шпанските власти е туристите прво да проверат дали има ограничувања во однос на бројот на туристи што може да престојуваат или во некои случаи, дали е потребна резервација.

Италија

За да влезат во Италија, на сите патници ќе им треба негативен ПЦР или антигенски тест не постар од 48 часа.

Што се однесува до ограничувањата, секој што ќе летува во Италија ќе мора да носи маски во затворен простор, а до 7-ми јуни излегувањето надвор е дозволено само во периодот од пет наутро до 23:00 часот. По 7-ми јуни ќе биде дозволено излегување до полноќ, а полицискиот час целосно ќе биде целосно укинат на 21-ви јуни.

Пабовите, баровите и рестораните ќе бидат отворени, но за ограничен број посетители. Максимум четири лица можат да седат на една маса заедно. На плажите мора да се почитува растојание од еден метар. Затворените базени и велнес – центрите ќе бидат отворени од 1-ви јули.

Музеите и другите културни институции се отворени, но од понеделник до петок влезот е ограничен на одреден број луѓе (што варира во зависност од капацитетот на музејот), а резервациите се потребни за викенд посети.

Португалија

Секој што планира летен одмор во Португалија, исто така, ќе треба да направи негативен ПЦР-тест не постар од 72 часа.

Туристите во оваа земја ќе бидат обврзани да носат маски. Рестораните се отворени до 22:30 часот навечер, со максимум шест лица на една маса во ресторан и десет во градините и на отворено. Оние што планираат да купуваат во Португалија, треба да знаат дека со одлука на тамошната влада, продавниците се отворени до 21:00 часот во работните денови и до 19:00 часот за време на викендите. (Крај)

извор: 360 степени фото: архива

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука