јуни 1, 2021

Охрид, 1. јуни 2021 (ОХРИДПРЕС) – Она што го реализира претходната власт во поглед на масовната урбанизација и уништување на Охридскиот регион, СДСМ го надгради и прошири, за што потврди и најлошиот извештај за загрозеноста на Охридското Езеро, објавен од УНЕСКО, реагираат од локалниот огранок на партијата Левица од Охрид.

– Додека беше во опозиција, токму СДСМ тврдеше дека е поразително странци да укажуваат на надлежните институции за да се сфати сериозноста на проблемот. Неколку години подоцна, поради корумпираното и алчното работење на социјал-демократската власт во спрега со урбаната мафија, Охридскиот регион ги исполнува условите за запишување на Листата на светско наследство во опасност – додека министерката за култура, Ирена Стефоска тврди дека губењето на Унеско-статусот не претставува национална и еколошка катастрофа! Како што констатира самиот извештај, иако мораториумот на сите урбани трансформации и промени на брегот беше препорачан во 2017 година, цели две години беше пролонгиран тој процес. Уште поскандалозно е дека ваквиот паушален мораториум вклучува исклучоци за бројни градежни активности, со што се губи смислата на мерката. Отстранување на дивоградби на брегот на Охридското Езеро и во заштитеното подрачје на градот, целосна забрана за градба, усогласување на урбанистичките планови со Планот за управување со светското природно и културно наследство на Охридскиот Регион, заштита на старата градска архитектура се само дел од мерките кои власта не успеа да ги спроведе. Дополнително, додека СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ здружено гласаат легализација на дивоградби, 15.000 барања за легализација чекаат во општина Охрид – од кои 420 згради и 28 хотели! Ваквата експанзија на дивоградби укажува на длабоки системски нефункционалности и корупција во институциите, каде контролата за почитувањето на законите потфрла пред личниот интерес за богатење на неколку моќници, заштитени од власта. Впрочем, минатата година Советот на Општина Охрид го одби предлогот за времен прекин на постапки за легализација на дивоградби, благодарение на гласовите од советниците на СДСМ, ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ. Ова најдобро отсликува дека овие три партии заеднички соработуваат кога треба да се заштитат корупцијата и криминалот, без никакво чувство за грижа и заштита на националните богатства и интереси. Потребно е понесување лична одговорност, а не вообичаените апстрактни флоскули од власта, од страна на сите раководители на институции, почнувајќи од Министерот за животна средина, Министерот за култура, градоначалникот на општина Охрид, директорот на Управа за заштита на културно наследство и директорот на Државниот инспекторат за животна средина, поради тоа што дозволиле да се уништи автентично природно и културно наследство, со кое Македонија е препознатлива пред целиот свет, реагираат од партијата. (Крај)

извор: Левица фото: архива

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука