Скопје/Охрид, 2. јуни 2021 (ОХРИДПРЕС) – Заврши јавниот повик за хотелите и туристичките агенции кои претстојнава сезона ќе бидат опфатени во помошта на Владата за справување со последиците од корона пандемијата преку доделување на ваучери за туризам.
Право на учество имаа сите категоризирани угостителски објекти за сместување кои се лиценцирани и се во туристичките центри во земјава, како и туристичките агенции со „А“ лиценца.
Хотелиерите тријат раце, бидејќи токму во пријавените туристички капацитети ќе завршат средствата од овогодишните ваучери за туризам, кои пак сега ќе бидат во износ од двесте евра. Минатата година се искористија над 60 илјади ваучери, а околу пет милиони евра легнаа на контото на хотелиерите.
Традиционално, најпосакувани домашни дестинации за летување беа Охрид и Струга, потоа Дојран и Преспа, а една четвртина од ваучерите завршија во хотелите во зимските туристички центри, како Маврово, Попова Шапка, Берово и Пелистер.
Според министерот за економија Крешник Бектеши државата ќе продолжи и оваа година да им доделува ваучери за одмор на работниците со ниски приходи, а ќе се одлучува по принципот „прв дојден-прв услужен“.
– Продолжуваме со мерката организиран одмор на работници со ниски приходи чии месечни примања по семејство не го надминуваат нето износот од 30.000 денари. Ефектите од ваучерите лани, за време на пандемијата, дадоа резултат, посебно за домашните туристички капацитети, изјави неодамна Бектеши.
Од Владата соопштија дека основна цел на оваа мерка е да им се овозможи на лицата со ниски приходи да искористат годишен одмор во туристичките центри во земјава и во исто време да им се помогне на туристичките центри во зголемување на обемот на работа. Според податоците на Државниот завод за статистика бројот на домашните туристи во септември 2020 година, во однос на септември 2019 година, е зголемен за 33.7 %, додека бројот на странските туристи е намален за 92.3 %. Претставници од туристичката бранша се на став дека ваучерите имаа значајна улога во мотивирањето на растот кај домашните туристи, а од Стопанската комора за туризам лани ја поздравија мерката со ваучерите, но сепак забележаа дека не смеат да бидат изоставени и туристичките агенции.
Овогодишниот повик, пак, ги вклучува и угостителските објекти и туристичките агенции, а од Министерството за економија најавија дека наскоро ќе објават и јавен повик за сите лица кои сакат да добијат ваучер за туризам во вредност од 12.000 денари. Овој ваучер од двесте евра за користење на одмор им следува на сите лица со ниски приходи кои ќе аплицираат на јавниот повик, чии месечни примања во семејството не го надминуваат нето износот од 30.000 денари, а вкупниот буџет за реализација на проектот е 15 милиони денари. (Крај)
извор: Центар.мк фото: ОхридПрес