јуни 2, 2021

Скопје/Струга, 2. јуни 2021 (ОХРИДПРЕС) – Девет години во Струга не е урната ниту една дивоградба, а објекти се легализирале и без комплетна документација.

Од 2011 година до 2020 година, актуелниот градоначалник Рамиз Мерко, но и екс-градоначалникот Зијадин Села, не допреле ниту една дивоградба во градот. Ова се само дел од заклучоците во извештајот на Државниот завод за ревизија.

Ревизорите утврдиле и дека во регистарот на поднесени барања за утврдување на правен статус на изградени објекти, нема податоци за квадратура на објектите кои се предмет на легализација. Побарале Струга да води и електронски регистар, покрај хартиениот. Исто така, во регистарот нема податоци ниту за бројот на барања и објекти за кои е отпочната постапка. Дополнително е наведено дека Струга нема градежни инспектори. Во градот до лани имало еден испектор, а моментално се двајца.

– При спроведувањето на постапките за утврдување на правен статус на бесправно изграден објект не се почитуваат законски предвидените рокови за донесување на заклучок за прекин на постапката, урбанистичка согласност за утврдување на правен статус на бесправен објект и решението за утврдување на правен статус на бесправен објект, стои во уште една од забелешките.

Ревизорите со увид во предметите, утврдиле дека има постапки за легализација на бесправни објекти од значење на Републиката, од локално значење, здравствени установи, објекти изградени на земјиште на кое е предвидена таква градба, бесправни објекти во крајбрежен појас, но и куќи. Анализа на предметите направиле ревизорите.

– Од вкупниот број 10.723 примени барања за утврдување на правен статус на бесправно изградените објекти, решени се 3.049 предмети, одбиени 4.040 предмети, во постапка се 2.775 предмети и 859 предмети се со неодреден статус, стои во извештајот.

Градоначалникот Мерко, немал поголеми забелешки на ваквиот ревизорски извештај. Тој им посочил на ревизорите дека сите препораки ќе бидат применети во Струга. (Крај)

извор: info.mk фото: ОхридПрес

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука