Охрид, 7. јуни 2021 (ОХРИДПРЕС) – Од Локалниот огранок на партијата Левица обелоденуваат информација за незаконска јавна лицитација за урбана опрема за продажба на храна, на локација број 3 во Градски пазар, доставена до нив од учесник на наддавањето.
– Според неговата информација оваа лицитација била незаконска, а во овој настан бил инволвиран заменик на градоначалникот на Општина Охрид. Според Витан Цветановски, учесник во наддавањето на наведената локација, лицитацијата започнала на 3-ти јуни 2021 година во 09:00 часот. По неколку минути наддавање, лицитацијата завршила пред истекот на предвиденото време за лицитација, односно во 09:13 часот, со што на Витан Цветановски му било оневозможено да ја продолжи лицитацијата во определеното време, 09:15 часот, кога лицитацијата би завршила автоматски. Победник на оваа лицитација е Војо Илоски, професор во охридската гимназија, близок пријател на заменикот на охридскиот градоначалник, Ристе Николоски, исто така професор во охридската гимназија и актуелен советник во Советот на Општина Охрид, кој, според тврдењето на Цветановски, најверојатно и ортак на Војо Илоски. Инаку, сомнежот за нерегуларноста на оваа лицитација е уште поголем и поради постигнатата цена за атрактивната локација број 3, од 9.300 денари месечно, односно 37.000 денари за четири месеци, иако локациите бр.4 и бр.14 постигнале цена преку 140.000 денари. Како доказ за нерегуларноста на лицитацијата, Цветановски испрати и фотографии од текот на истата. Дали е точно дека оваа лицитација е наместена и нерегуларна? Дали е точно дека во местењето на оваа лицитација е инволвиран заменикот на градоначалникот, актуелен советник во Советот на Општина Охрид и професор по историја во охридската гимназија, Ристе Николоски? Ако е ова точно, тогаш до каде уште стигаат лепливите прсти на функционерите од локалната власт во Охрид? Поради криминалното работење на локалната власт на СДСМ во Охрид, граѓаните се’ повеќе ја губат довербата во нив и се обраќаат до Левица, бидејќи токму во активистите и членовите на Левица гледаат борци за правда, чесни, искрени и неподмитливи, реагираат од партијата. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: архива