Охрид, 9. јуни 2021 (ОХРИДПРЕС) – Продолжуваме со блокади и протести против ненародната власт, порачуваат од ОК на ВМРО-ДПМНЕ од Охрид, од каде за денеска најавуваат нов голем протест.
– Доста е, излези за Македонија. Ве повикуваме од 15:00 до 17:00 часот на протест и блокада кај кружниот тек кај „Мини маркет“ во Охрид. Да се обединиме против оваа ненародна власт, порачуваат од партијата.
Владата да го објави документот, т.н патоказ за кој со Софија преговараат премиерот Зоран Заев и владиниот специјален пратеник за Бугарија Владо Бучковски, побараа вчера учесниците на првиот голем протест, кој во организација на ВМРО-ДПМНЕ се одржа во Охрид и уште девет други градови во Македонија.
– Блокадите во поголемите 10 градови во државата ќе траат се’ додека Зоран Заев и Владо Бучковски не покажат што испреговарале со Бугарија. Документот мора да е доставен до јавноста и да се види што точно се преговарало. Од високи дипломатски извори во Брисел и од официјална Софија дознаваме дека она што требаше да биде декларацијата изгласана во бугарскиот парламент и која беше преговарачка рамка во билатералните преговори меѓу Македонија и Бугарија, од денешен аспект сите проблеми кои ги носи овој документ, како засебноста на македонскиот јазик, култура, традиција, обичаите, антифашистичката борба, од билатерален проблем стана проблем помеѓу Македонија и Европската унија и го проблематизира патот на Македонија кон ЕУ. Има два аспекти кои се битни во целата работа. Прв, основен и најважен е уништувањето на македонскиот народ, нација и јазик и вториот е проблематичниот пат кон ЕУ. Сето ова Заев го најави во интервјуто за BGNes каде ги отвори темите и разговараше за ист народ и јазик и дека во Македонија немало фашистички окупатор, туку имало администратори. Кога тоа ќе се спои со скоро 4 годишното владеење на СДСМ во Македонија и буквално проблематичните и уништувачки договори со скоро сите околни соседи, јасно е дека мора да му дојде крај на ова катастрофално владеење. За да се случи тоа, потребна е поддршка од буквално сите политички партии, од центар, леви и десни, во и вон парламентот. Да му застанеме на ова зло и да го спречиме уништувањето на македонскиот народ, нација, култура и јазик, порача од протестот пратеникот од редовите на ВМРО-ДПМНЕ Кирил Пецаков.
Од партијата велат дека доколку не се прифати барањето кое се однесува на „патоказот“, дека ќе се организираат и други уште поголеми протести, како и низа на други активности. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: ОхридПрес/архива