септември 3, 2021

Скопје/Охрид, 3. септември 2021 (ОХРИДПРЕС) – Градоначалникот на Охрид Константин Георгиески и СДСМ ветуваа нови инвестиции и работни места кај „Мауцкер“, но за жал ништо не направија и ги згаснаа последните надежи дека таму некогаш ќе никне современа индустриска зона со стотици нови вработувања, истакна на денешната прес конференција претседателот на ОК на ВМРО-ДПМНЕ од Охрид Сашо Донев.

– Георгиески и СДСМ не само што депонираа илјадници метри кубни шут и ѓубре, туку деновиве исплатија и нова фактура за овој циклус дадени услуги на нивниот вечен доверител Нефи Усеини. Имено изминатата недела општина Охрид и Георгиески работеа само за еден човек, експресно за само неколку часа беше издадено одобрение за градба на бетонска и асфалтна база, се враќаа вработени од одмори, а некои работеа и од дома само да се задоволи барањето на Усеини додека граѓаните чекаат и по две години да добијат едно обично одобрение за градба. За потсетување градежната парцела кај „Мауцкер“ Усеини ја откупи за багателна сума од 71 денар по метар квадратен според која намената на градежното земјиште беше лесна и незагадувачка индустрија и не предвидуваше изградба на бетонска и асфалтна база. Антикорупциска комисија да испита како е можно да се откупи парцела за една намена, а веднаш потоа да се измени и правилникот кој сега дозволува изградба на бетонска и асфалтна база? – праша Донев.

Тој побара одговор на каков начин е спроведена постапка за отуѓување на градежно земјиште свесно оштетувајќи ги буџетот на општина Охрид и буџетот на Република Македонија?

– Дали така свесно се тактизираше за да не пројават и други инвеститори интерес за откуп што би значело и повисока продажна цена на земјиштето? На охриѓани им е доста од СДСМ и Георгиески. Време е за промени, за борба против корупцијата и за силен развој на Охрид, истакна Донев. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: архива

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука